„Лазаров уште утре би можел да стане селектор на Македонија“

Македонската репрезентативка Сара Ристовска е една од малкуте интернационалки што успеале во руските клубови. Таа игра одлично втора сезона во ЦСКА Москва, со која се на добар пат да обезбедат четвртфинале во Лигата на шампионите.

Рускиот „Брз Центар“ направи кратко интервју со десното крило, а меѓудругото таа говореше за натпреварот меѓу Русија и Македонија на Светското првенство, кој заврши со убедлива победа на „зборнаја“, 32-20.

„Не смеев да го пропуштам натпреварот, брзав после тренинг да го следам натпреварот. Искрено, исходот го знаев од порано, бидејќи ја знам состојбата во нашиот национален тим. Кај нас почна смената на генерација и кај младите играчи допрва претстојат успеси. Честитки за Русија од срце, тие заслужија да победа. Одлично е што има шанса за четвртфинале“, вели Ристовска.

Таа се потруди на Русите да им го доближи значењето на Кире Лазаров за Македонија.

„Во Македонија него го викаат едноставно – легенда. Лазаров на 40 години игра на високо ниво. Тој е пример за однос кон тоа што го сакаш. Има богата кариера, бил најдобар стрелец на сите големи натпреварувања, а не престанува и сака да оди само напред“, продолжува Ристовска.

Русите се интересираа дали кај Лазаров има желба да се занимава со политика.

„Мислам дека кај Лазаров нема амбиции да стане претседател на Македонија, ама селектор на машката репрезентација може да стане уште утре. Знаете ли дека тој има клуб во Македонија, се вика КЛ7 и таа екипа ја создаде од нула, а ги собра сите млади таленти. Тоа е инвестиција за иднината“, заврши Ристовска.