Лазаров: Со задоволство би заиграл пак за некој македонски клуб!

Капитенот на македонската репрезентација, Кире Лазаров, времето во карантин го поминува во францускиот град Нант.

Борбата против коронавирусот продолжува, а како и сите, така и Лазаров, најголем дел од времето поминува дома. Тој одговараше на прашања на гледачите на естрадниот магазин „Бекстејџ“ и беше прашан за можноста повторно да заигра за македонски клуб.

„Јас почнав во Овче Поле, играв една година во Борец, во тинејџерските години бев во Пелистер, и сите мислеа дека сум од Битола, бидејќи поголемиот дел од кариерата во Македонија бев во Битола. Со задоволство би играл за некој македонски клуб. Доколку се работи за добар и амбициозен спортски проект, без разлика за кој клуб се работи би играл. Се поистоветувам со успесите на македонските клубови, посебно на Вардар и Еурофарм Пелистер, и горд сум на сите нивни успеси“, кажа Лазаров.

Тој по заминувањето од Пелистер, беше дел од Загреб на два пати, играше за унгарскиот Веспрем, како и за шпанските гиганти Сиудад Реал, односно Атлетико Мадрид и Барселона.