Лазаров: Можеби изгледа дека победивме лесно во Охрид, но не е така

Тимот на Алкалоид славеше на гостински терен кај Охрид со 32-26 и ја забележа втората победа во суперлигашкиот плеј-оф.

Тренерот Кире Лазаров е задоволен по триумфот и вели дека иако резултатот покажува дека била лесна победа, сепак не е така.

„Можеби резултатот покажува дека победивме лесно, но не е така. Мислам дека екипата на Охрид играше добро, но не го издржа нашиот ритам, а ние имавме малку подолга ротација и тоа беше пресудно. Екстра квалитетен натпревар и ме радува што ова се случува во Македонија. Не е лесно да се победи во Охрид, многу екипи имаа проблеми и задоволен и горд сум од моите млади македонски играчи кои успеаја да го издржат притисокот пред охридската публика која го познава ракометот и пред една екстремно добра екипа на Охрид која има квалитетни странци. Сакам да им честитам и на охридската публика и на моите момци за издржаниот притисок“, вели Лазаров.

Алкалоид сега е трет на табелата по Вардар и Еурофарм Пелистер.

„Ние сме млада македонска екипа и треба да одиме чекор по чекор. Не сакаме да си ставаме бреме дека мора нешто да направиме. Овие се големи победи за нас, како оваа денешнава, бодот во Кавадарци што го земавме, со Еурофарм Пелистер бевме рамноправни до 59 минута. Се надевам дека екипата ќе расте споро, но квалитетно“, заврши Лазаров.

Најдобар играч во гостинскиот тим беше пивотот Костадин Петров со шест погодоци.

„Се спремавме многу за овој натпревар. Овие млади момци се желни за докажување и за игра покажаа карактер, покажаа дека и младоста може да победи. Игравме како тим, мислам дека допрва доаѓа најдоброто од оваа млада екипа. Секој бод на гости е многу значаен. Овој триумф ќе ни значи уште повеќе да се кренеме и да напредуваме како екипа“, вели Петров.

Сега следува пауза за репрезентативна акција и квалификации за ЕП 2024 година, а потоа ќе се играат и натпревари од Купот на Македонија.

Охрид не успеа да освои бодови против Алкалоид