Лазаров и Нант во одлична форма, го освоија и турнирот во Лимож

Продолжува серијата на победи и одличната форма на ракометарите на Нант во подготвителниот период.

По освоените турнири во Шпанија и Португалија, полуфиналистот на Лигата на шампионите од минатата сезона го подигна пехарот и на турнирот во Лимож.

Домаќинот Лимож, Монпелје, Нант и Ним играа по два натпревари, а Нант со две победи го освои првото место. Најнапред во полуфиналето Нант беше подобар од Ним со 29:26, а Лазаров постигна еден погодок на оваа средба.

Финалето против Лимож беше нерамноправно и екипата на Алберто Ентрериос забележа победа од 36:26. Лазаров во мечот за трофејот погоди четири пати.

Француското првенство почнува на 11 септември, а во првото коло Нант гостува кај Сесон Рен.