Лазаревски: Кога е најтешко се гледа победничкиот карактер на Металург

И покрај сите проблеми кои не опкружуваат, барем за тие 60 до 90 минути додека сме на терен забораваме на сè и сите проблеми ги оставаме на страна. Победниците не се помируваат со пораз и секогаш одиме да го дадеме максимумот

Ракометарите на Металург неделава ја почнаа со штрајк бидејќи бараа да им бидат исплатени заостанатите плати. Се вратија на тренинзи навреме за да се подготват за дуелот против Пролет и да можат да го одработат овој натпревар на максимум. Успеаја да се издигнат кога беше најтешко и да дојдат до победа од 31:29 и тоа на гостински терен.

Целата средба беше одиграна буквално без замена. Единствениот кој влегуваше како замени на моменти беше третиот пивот Андреј Митиќ, додека другите седуммина (Дупјачанец, Лазаревски, Озтурк, Маркоски, Хорват, Петковски и Петров) беа од почеток до крајот на терен и играа и одбрана и напад. Пивотот Милан Лзаревски имаше два погодоци на овој натпревар, а кој во 58. минута заработи и трето исклучување, вели дека го покажале победничкиот карактер, но покажале и како се издигнува во моменти кога е најтешко.

„Без разлика на ситуацијата во клубот и она што го смета ракометната јавност, но и противниците и тоа што не потценуваат, ние сме одличен склоп на играчи кои го покажуваат секогаш својот карактер. И покрај сите проблеми кои не опкружуваат, барем за тие 60 до 90 минути додека сме на терен забораваме на сè и сите проблеми ги оставаме на страна. Победниците не се помируваат со пораз и секогаш одиме да го дадеме максимумот. Сметам дека на крајот од денот ние не сме екипа која треба да биде потценета“, вели Лазаревски за 24 Ракомет.

За дуелот против Пролет смета дека противникот веројатно влегол преопуштено гледајќи ја ситуацијата во која е тимот особено во последните денови. Пред неколку кола го совладаа и Охрид исто така на гостински терен, а против Бутел имаа борба 60 минути и загубија со два разлика.

„И Охрид и Пролет се квалитетни екипи и веројатно на дуелите против нас не влегоа со сериозноста со која играа во минатото. Можеби тие нè не гледаат како фаворити со оглед на тоа што имавме резултати кои не беа задоволувачки. Оттаму секој гледа начин да земе бодови против нас и тука нема што да се замери. Сепак, и со ваков состав кој е со ростер намален на минимум ние не сме екипа која треба да биде потценета. Имаме добри и квалитетни ракометари и покрај тенкиот ростер. Имаме и квалитетен стручен кадар. И Иве и Злате одлично ја знаат својата работа и имаме одлична соработка. Тие имаат голема заслуга за сето она што се случува“.

Со оглед на резултатите Металург доцни зад тимовите кои се „над линијата“ која означува место во плеј-офот.

„Многумина нè отпишаа од натпреварување сметајќи дека одиме во надолна линија. Сепак, со демонстрирање на нашиот карактер на терен и со позитивно размислување можеме да ги пребродиме сите проблеми. Би сакале да целиме кон плеј-оф. Тоа не треба ниту да биде тема за дискусија, но вонредните случувања во текот на сезоната ни го засегнаа пласманот. Се гледаме меѓу најквалитетните екипи без разлика на проблемите и на ростерот кој го имаме. Не можам да кажам дека постојат толку и толку поквалитетни екипи од нас. Сепак, без разлика со кој противник играме ние  секогаш одиме и ќе одиме со максимален ангажман. Имаме лиминитран играчки кадар и немаме избор. Немаме ротација како во минатите сезони, но затоа можеме на секој натпревар да имаме максимален ангажман“.

Во ситуација кога нема одмор за ракометарите и мора постојано да се игра со иста постава секогаш мора да се оди на максимум на теренот. Тоа е причина за замор повеќе и секако не е едноставно и лесно.

„Заморот е присутен кај сите играчи. Тоа е евидентно е кај сите ракометари. Има тешки моменти кога цела екипа влага во некоја црна дупка. Тоа некогаш се црни минути кои можат да бидат кобни за епилогот на натпреварот. Имаше такви моменти и против Пролет, но немаа влијание на конечниот резултат. Сметам дека и тренерскиот тим и кондицискиот тренер добро ја завршуваат задачата и се во постојан контакт со нас давајќи ни го целото внимание. Не постои играч кој се нема пожалено на повреда и сите се со ситни повреди. Сепак, со максимален ангажман може да се надомести сето ова. Тешко е, но во вакви тешки моменти се гледа карактерот“, коментираше Лазаревски за 24 Ракомет.

На следната средба Металург игра против Прилеп на домашен терен, а пред паузата следува гостување кај Еурофарм Пелистер 2, натпревар дома против Тиквеш и гостување кај Струга. Другите натпревари остануваат за вториот дел од сезоната кој треба да почне на 3 февруари. Во моментов после 12. кола Металург има 16 поени, пет помалку од Пролет и Тиквеш кои се на 5. и 6. место кои водат во плеј-офот.

Металург ја почна неделата со штрајк, ја заврши со победа кај Пролет