Лазаревиќ и Костоски едногласни: Не ги потценуваме неготинци, но ќе покажеме дека сме подобра екипа!

Ракометарите на Струга во рамки од 9. коло од Суперлигата денес ќе гостуваат кај „фенерџијата” од групата А, екипата на Вардар Неготино, која заедно со Јуниор КВ се единствените две екипи, кои што немаат остварено победа во досегашниот дел од сезоната во македонската елита.

Тимот на Жарко Ферукоски во минатото коло славеше во Куманово против истоимената екипа со 30:27 и ќе се обиде да врзе две победи по ред за подигнување на самодовербата пред дерби дуелот против Бутел Скопје, кој ќе се одигра во следното коло. Стружани во првиот дуел против Вардар Неготино славеа со 12 гола разлика, 36:24.

Еден од поискусните во составот на Струга, српскиот интернационалец Урош Лазаревиќ смета дека во натпреварот против Вардар Неготино ќе треба да бидат внимателни и да одиграат на висина на задачата.

„Ние сме максимално концентрирани и спремни за денешниот дуел. Во Неготино одиме да покажеме дека сме подобра екипа и секако, да ги освоиме бодовите. Во досегашниот тек, имавме свои подеми и падови, но се трудиме од натпревар во натпревар да бидеме сѐ подобри и подобри. На овој натпревар ќе треба да бидеме внимателни и она што го имаме работено на тренингот да го одработиме и на теренот во Неготино. Доколку сакаме да победиме, грешките ќе треба да се сведат на минимум”, изјави Лазаревиќ.

Десниот бек истакна дека атмосферата во Струга е на одлично ниво и се надева дека со неговите соиграчи ќе ја остварат зацртаната цел.

„Атмосферата во тимот е одлична, спој на младост и искуство, сите играчи добро се сложуваат, а навивачите секогаш даваат голема поддршка и создават одлична атмосфера на трибините. Размислуваме натпревар по натпревар, во секој да го дадеме максимумот и да се бориме за победа и се надеваме дека тоа ќе не однесе во плеј-оф фазата”, заврши Лазаревиќ.

Младиот ракометар Ненад Костоски на претходниот дуел против Куманово беше меѓу најдобрите стрелци, постигна четири погодоци, а за денешниот дуел изјави дека очекува нова победа.

„Моите очекувања, како и очекувањата на мојот тим за натпреварот против Вардар Неготино се да оствариме победа и да ги освоиме трите бода. Иако екипата на Вардар Неготино е дебитант, ние не ја потценуваме и ја респектираме. Искуството е на наша страна, но не смееме да го потцениме противникот, бидејќи игра на свој терен и без разлика на тоа што се дебитанти во Суперлигата, сигурно ќе имаат голема поддршка од публиката, која ќе биде нивниот осми играч. Според мене, клучно за победа против Вардар Неготино ќе биде дисциплината во одбраната и нападот предводени со нашето искуство” изјави Костоски.

Според Костоски сѐ уште има простор за напредок во играта на неговиот тим.

„Не можам да кажам дека сум целосно задоволен од претходните осум одиграни натпревари. Некои од загубените натпревари можеа да завршат и во наша корист, но сѐ уште има место за напредок и се надевам дека до крај ќе останеме во игра за плеј-оф фазата”, заврши Костоски.

Натпреварот меѓу Вардар Неготино и Струга ќе се одигра со почеток од 18:30 часот.