Куриозитет во црногорската селекција – Вујовиќ, Вујовиќ, па уште три пати Вујовиќ…

За еден од трите ривали на Македонија на Европското првенство, Црна Гора, е врзан интересен податок – дури петмина ракометари го носат презимето Вујовиќ.

Стеван, Милош, Лука, Филип и Бранко Вујовиќ се ракометарите кои го носат познатото црногорско презиме во сениорската репрезентација на Црна Гора. Првите тројца ракометари, Стеван, Милош и Лука, потекнуваат од градот Цетиње, додека Филип и Бранко од Никшиќ. Сите пет ракометари играат голема улога во нивните клубови.

Фото: Архива

Ракометарот Стеван Вујовиќ, кој три сезони настапуваше за Вардар, има најдолг стаж во црногорската репрезентација. Моментално го носи дресот на романскиот суперлигаш, Баја Маре. Зад себе има богато интернационално искуство, играше во националните првенства на Србија, Шпанија, Романија, Франција, Унгарија, Украина, Катар и Кувајт.

Фото: Архива

Еден од најмладите репрезентативци, Лука Вујовиќ кој оваа сезона настапува за екипата на Копер, дел од неговата кариера ја мина во Македонија. Беше дел од Металург и Работнички, но поради преселбата на Работнички во Првата лига, неговите амбиции беа настап во поквалитетно првенство.

Десниот бек на Келце, Бранко Вујовиќ, полека, но сигурно се наметнува како лидер во својата репрезентација. Во последните две години добива значителна минутажа на репрезентативно и клупско ниво. Беше меѓу најефикасните ракометари на Црна Гора на квалификациските натпревари за настап на Европското првенство 2022 кое ќе се одржи во Унгарија и Словачка.

Меѓу поискусните ракометари во Црна Гора е левото крило на Фуксе Берлин, Милош Вујовиќ. Поради неговите одлични настапи за Татабања, во 2020 година доби повик за преселба во Бундес лигата, односно во Фуксе Берлин. За сениорската репрезентација на Црна Гора има одиграно 40 официјални натпревари.

Фото: RSCG

Милош Вујовиќ во неговата кариера настапуваше и за црногорските клубови, Ловќен, Будванска Ривиера и Улцињ. Во сезона 2018/19 беше избран за најдобар стрелец во шампионатот на Унгарија со 190 постигнати погодоци.

Фото: Bert Berišaj/RSCG

Филип Вујовиќ заедно со Александар Бакиќ и Милош Вујовиќ ја сочинуваат левата крилна позиција во репрезентацијата на Црна Гора. Филип освен на лево крило игра и на централната позиција како организатор на нападите. Заедно со неговата репрезентација настапи на Европското првенство во 2020 година.