Куманово остана без клучна ракометарка – Мила Трајковиќ се пресели во Металург

Екипата на Куманово која е шампион на Македонија во женска конкуренција остана без уште една важна ракометарка во тимот откако левото крило Мила Трајковиќ одлучи својата кариера да ја продолжи во составот на Металург.

Таа е веќе дел од тимот од Автокоманда и се очекува да се најде на теренот во 2. коло, каде што утре тимот на Металург гостува кај Вардар во дербито од Супер женската лига.

Трајковиќ беше една од ракометарките која со своите игри секогаш имаше голем придонес во играта на Куманово. Редовно меѓу најефикасните, а одлично знаеше да се вклопи и во бековската линија како организатор на играта.

Си обезбеди место во младинските селекции и настапуваше за кадетската, а потоа и за младинската репрезентација. Имаше повици и во сениорскиот состав, па може да очекува и во иднина од новиот селектор.

Со нејзиното ангажирање тимот на Металург добива ракометарка со која ја затвора позицијата лево крило после заминувањето на Марија Тасевска. Воедно добива и ракометарка со виок процент на реализација од позиција и контранапад така што Трајковиќ ќе биде добро засилување за тимот од Автокоманда.