Кузмановски и Миркуловски се радуваа на победа во Бундес

Дел од репрезентативците на Македонија кои настапуваат во Бундес лигата одработија солидно со нивните екипи. Кузмановски и Миркуловски се радуваа со своите тимови, додека Пешевски се врати со пораз од гостувањето кај Кобург.

Хановер успеа да слави на натпреварот против Нордхорн со 22:20. До бодовите, Хановер стигна со подобрата игра во второто полувреме бидејќи во првиот дел екипата на Нордхорн имаше водство од 12:10.

Филип Кузмановски на овој натпревар беше стрелец на два гола, додека неговиот колега, Јохан Хансен беше прв стрелец на натпреварот со десет гола.

На победа се радуваше и Филип Миркуловски со Вецлар. Ракометарите на Вецлар беа убедливи против Ерланген со 36:28. Миркуловски натпреварот го заврши со три гола и неколку асистенции кон своите колеги.

Екипата на Кобург беше подобра од Штутгарт со 28:26. Иако при крајот, Штутгарт имаше шанси да израмни, сепак, домаќините не дозволија да има поделба на бодовите. Жарко Пешевски беше меѓу главните стрелци во Штутгарт со пет гола.