Кудуз за 24Ракомет: Кога слушнав дека ме бара Вардар, се друго падна во вода!

По Васко Шеваљевиќ, кој веќе дојде во Вардар, нови засилувања од лето во „црвено-црниот“ тим ќе бидат десното крило Дарко Ѓукиќ и левиот бек Анте Кудуз. Хрватот се обврза на две години верност кон македонскиот тим, а ќе дојде од романскиот првак Динамо Букурешт на крајот на оваа сезона.

Тој има одлични предиспозиции (202 цм/104 кг), потекнува од Осијек, играше за хрватскиот Вараждин, па за францускиот Дижон, а потоа две сезони во швајцарскиот Винтертур. Европската ракометна јавноста го запозна со настапите за Динамо Букурешт, особено во минатата сезона кога на 12 меча даде 61 погодок.

Хрватот вели дека кога слушнал за интересот од Вардар, не размислувал за ниту една друга понуда.

„Кога слушнав дека Вардар се интересира за мене, се друго падна во вода. Сите знаеме кој е Вардар. Скопје е преубав град, Македонците се многу љубезни како народ и сигурен сум дека ќе се чувствувам како дома. Едвај чекам да заиграм за Вардар, да растам заедно со клубот и да покажам што знам“, вели Кудуз за 24Ракомет.

Сите знаат за одличната атмосфера во Скопје и навивачите кои ја создаваат, па така и Кудуз посакува да ја доживее.

„Се надевам што побрзо дека ќе заврши оваа пандемија и дека ќе може да играме пред полни трибини, па сите заедно со најдобрите навивачи да се радуваме на успесите“, заврши Кудуз.

Оваа сезона со Динамо Букурешт, Кудуз игра во Лигата на Европа и на пет натпревари даде 11 погодоци.