Крстевски продолжува во Финска

Десното крило Илија Крстевски и во следната сезона ќе ги брани боите на финскиот тим Паргас ИФ.

Откако претходно и пивотменот Александар Тренчевски го стави потписот на договорот на уште една година, сега истото го стори и Крстевски.

Тој веќе трета година игра во овој тим, а очигледно челниците се задоволни од неговите изданија, па му понудија продолжување на соработката.

Крстевски во Македонија играше за Металург, Пролет, Борец и Јуниор Кисела Вода, а финскиот тим му е прв предизвик во странство.

Претходно во Паргас ИФ играше и организаторот на играта на Тиквеш, Јане Јанчев.