Кристијан Грчевски останува на клупата на Бутел Скопје

Тренерот со кој Бутел Скопје стигна до најголемиот клупски успех во Суперлигата, Кристијан Грчевски, ќе остане во клубот.

Раководството на Бутел Скопје ја продолжи соработката со Грчевски и за наредната сезона, па нема да има промени на клупата.

„По една успешна сезона, продолжувањето на соработката беше очекувано. Тука сум четири сезони, едноставно сум свој и не би сакал нешто да променам. Клубот секојдневно расте, растат и амбициите. Работиме по добар систем во кој младите се многу застапени во целиот процес, но и поискусните го даваат она што навистина му треба на еден тим – искуството. Целиот спој на младост, искуство, добар тренерски тандем и добра конекција со управата не красат како клуб. Нормално е секоја сезона некој да си оди, да дојде некој друг. Знаеме сите што ни се случи, но успеавме да ги пребродиме сите трагедии. Останувам уште една сезона, која ќе биде многу тешка, бидејќи сите екипи се засилуваат, квалитетни се, ќе биде тешка борба за плеј-оф и излез во Европа. Ќе пробаме да донесеме неколку засилувања, но ништо плус од она што навистина ни треба“, изјави Грчевски.

Бутел Скопје досега ги продолжи договорите со кружните напаѓачи Владимир Јевтиќ и Стефан Стојчевиќ, а се засили со средниот бек Стефан Крстевски и десниот бек Филип Николов.