Кривокапиќ останува во Охрид, потврден и трансферот на Шилегов

Тимот на Охрид ги реши дилемите за позициите среден бек и десно крило во екипата. Во составот на Охрид останува Црногорецот Филип Кривокапиќ, а беше официјализиран и трансферот на Мице Шилегов што го најави 24Ракомет.

Кривокапиќ имаше повреда, се оперираше и најверојатно ќе биде потполно здрав и подготвен за сезоната која доаѓа. Покрај Црногорецот на позицијата среден бек ќе игра и Мартин Ивановски.

Шилегов заедно со Наум Костов ќе бидат тандем на десната крилна позиција. Тој во Охрид доаѓа од Металург каде ги помина сите младински категории. Шилегов ќе биде замена за Бобан Блажески кој после пет сезони се раздели со Охрид.

Десното крило е прво засилување во охридскиот состав, а претходно договорите со „гладијаторите“ го продолжија Иван Тасески, Крсте Андоновски, Јагош Брауновиќ, Филип Николов и Мартин Манасков.