Крај на една ера – Стојанче Стоилов ја заврши кариерата!

Еден од легендите на македонскиот ракомет и на Вардар, Стојанле Стоилов, заминува во пензија, откако реши да ја заврши кариерата.

Како што најави 24Ракомет одамна, тој ќе му биде асистент тренер на Владо Недановски и ќе биде координатор на младинските школи.

Искусниот ракометар во април минатата година стави крај на репрезентативната кариера и беше за очекување дека за брзо време ќе се повлече и од клупско ниво.

Стоилов беше дел од сите подеми и падови на Вардар, со „црвено-црниот“ тим освои две титули во Лигата на шампионите, сезона 2016/17 и 2018/19.

Освен двете европски титули, со тимот на Вардар осум пати беше шампион во Супер лигата и девет пати победник во Купот на Македонија.

Легендарниот Стоилов со Вардар има освоено и пет шампионски титули во регионалната СЕХА лига.