Кошмарно патување на Фарски Острови – Романците уште не се вратени дома!

На машката сениорска репрезентација на Романија дефинитивно квалификациските натпревари со Фарски Острови ќе и бидат најлошите од резултатски и организациски план.

Селекцијата на Чави Пасквал во средата загуби од Фарски Острови во натпревар од квалификациите за пласман на Европското првенство 2024, беше поразена со 28:26.

Поразот на избраниците на Пасквал може да се должи на уморот поради патот, бидејќи поради снежната бура на Фарски Острови пристигнаа еден ден подоцна од планираното.

Сепак, тука не завршуваат проблемите за романската селекција, која сѐ уште не е вратена во својата татковина, а утре веќе треба да го одигра реванш дуелот против Фарски Острови.Како што соопштуваат романските медиуми, ракометарите и стручниот штаб на Романија откако го напуштиле Торшавн слетале во Копенхаген и од данската престолнина се упатиле за Лондон.

Проблемите настанале токму во Велика Британија, бидејќи бил пропуштен летот за Букурешт. Поради немање на алтернатива, на романската репрезентација не и останало ништо друго освен да преноќева во Лондон.

Фарски Острови веќе се пристигнати во Букурешт, додека ракометарите на Романија се очекува да пристигнат во текот на денешниот ден, но ќе имаат мал временски период за подготовка за утрешниот двобој со островската земја.

Патуваа повеќе од 26 часа – Романците едвај слетаа во Торшавн и на крај загубија!