Коцев: Заслужуваме да бидеме дел од плеј-офот

Повратникот во суперлигашкото друштво, Тиквеш од Кавадарци, има шанса во првата сезона по камбекот да обезбеди место во разигрувањето за титулата.

За да се случи, треба да се исполнат два услови – победа на Тиквеш над Работнички и победа на Прилеп над Еурофарм Пелистер 2.

Еден од најдобрите стрелци во кавадаречкиот тим е левото крило Димитар Коцев. Тој се враќа во одлична форма по операцијата на коленото.

„Во октомври минатата година имав операција на коленото поради скинати лигаменти. Голема благодарност до д-р Камиловски за помошта за време и после операцијата. Со многу работа се постигнува се, па веќе може да се каже дека сум во форма за да го дадам максимумот за мојот тим“, вели Коцев за 24Ракомет.

Тиквеш лани немаше ниту еден загубен бод во прволигашката конкуренција и заслужено влезе во елитното друштво, иако не се одигра плеј-офот.

„Поради пандемијата за жал Тиквеш не успеа да го крене пехарот во Првата машка лига и на тој начин да влезе во Супер лигата. Ние работиме напорно, играчите, управата и сите инволвирани во клубот. Нов тим сме, па оттука ни треба и малку време да се стекне она потребно искуство за еден суперлигашки тим, но сигурен сум дека имаме капацитет и заслужуваме да бидеме дел од плеј-офот“, продолжува Коцев.

Познато е ривалството меѓу Неготино и Кавадарци, а левото крило кое потекнува од Неготино веќе втора сезона тресе мрежи за кавадаречкиот тим.

„Јас сум професионалец пред се, разликите од каде доаѓам не ме прават поинаков во однесувањето кон клубот за кого играм. Неготино е мој роден град и јас го сакам, и да, го гледам во иднина во Супер лига. Овие центри некогаш беа едни од најголемите расадници на најдобри ракометари во нашата држава, имаме ние се уште капацитет за тоа“, вели Коцев.

Левото крило вели дека тој и соиграчите се мотивирани за нова победа, а очекува победа и на прилепчани.

„Против Работнички треба да дадеме се од себе, натпреварот многу ни значи, спремни сме и мотивирани за победа. Прилеп е млада екипа која има многу добри поединци, сигурен сум дека ќе дадат се од себе да го победат Еурофарм Пелистер 2, бидејќи и за нив тој натпревар има големо значење“, заврши Коцев.

Натпреварите меѓу Прилеп и Еурофарм Пелистер 2, како и Работнички против Тиквеш, се игра денеска во исто време, од 17:00 часот.

Последна битка за плеј-оф – Во Прилеп и во Скопје ќе гори 60 минути