Котевски: До последно коло нема да се знае кој ќе биде шампион, Пелистер нема да се предаде против никого!

Овој викенд започна плеј-оф/аут фазата во единственото натпреварување кај дамите во Македонија. Меѓу екипите кои обезбедија настап во плеј-оф фазата е составот на Пелистер, кој во вториот дел од сезоната останува под палката на тренерот Адријано Котевски.

Резултатски гледано, тимот на Пелистер одигра солидно во првиот дел од сезоната, во кој успеа да го обезбеди посакуваниот плеј-оф, но и да покаже квалитет во дел од натпреварите против поквалитетните екипи. Пелистер во групата А заврши на 4. позиција, забележа осум победи, едно реми и пет порази и обезбеди настап во плеј-офот.

Тренерот Адријано Котевски, кој го презеде Пелистер на 20 септември оваа година, е задоволен од прикажаното во првиот дел од сезоната и се надева дека тимот ќе го даде максимумот во остатокот од сезоната.

„Со оглед на краткиот период, во кој имавме малку време за подготовка, јас сум задоволен од ангажираноста на самите девојки. Можам да кажам дека тренажениот просец е на задоволително ниво. На сите натпревари против поквалитетните тимови, тимови кои атакуваат на титулата, бевме во егал, но кратката клупа не ни дозволуваше да се издржи силното темпо од 60 минути. Против посилните тимови имавме проблем, проблем во кој 10 до 15 минути бевме без реализација, имавме  „црна дупка“, што е нормално, бидејќи ростерот е тој, имаме ракометарки кои за првпат играат во Супер лига и не беа моментално подготвени да носат одреден терен на дел од натпреварите”, изјави Котевски.

Пелистер плеј-оф фазата ќе ја стартува со три бода и токму големата бодовна разлика меѓу битолскиот тим и останатите екипи кои во разигрувањето за титулата се позиционирани од прво до четврто место, претставува тежок дофат за излез на европска сцена.

„Доколку гледаме реално, тоа е тешко и остварливо, но сепак, секогаш постои надеж. Новиот систем кој го воведе Ракометната федерација на Македонија (РФМ) направи голема бодовна разлика, така што ние пренесуваме само три бода во плеј-оф фазата, оние три бода од дуелот со Чаир и во една таква ситуација тешко е да се брка голема разлика. Имаме голема конкуренција, познато ни е со кој квалитет располагаат нашите идни ривали. За Ѓорче Петров не треба да се трошат зборови, тука се Овче Поле СУ и Стружанка, екипи со кои сме на исто ниво и мислам дека дуелите со нив ќе бидат интересни, го имаме амбициозниот Чаир, но нема да се предадеме. Ракометарките треба да сфатат дека секој натпревар е посебен, за секој натпревар ќе се подготвуваме посебно, ќе анализираме, ќе гледаме видеа и нема резултатски да се оптеретуваме”.

Искусниот тренер, кој пред извесен период се стекна со највисоката Мастер Коуч лиценца, истакна неколку важни сегменди за да имаме поквалитетно натпреварување кај дамите.

„Секако дека машкиот ракомет е на повисоко ниво од женскиот, тука спаѓа и Првата лига, која е поквалитетна од единствената Женска лига. РФМ во последните години прави напори за да го заживее женскиот ракомет. Младинските категории се на едно повисоко ниво и да се надеваме дека за брз период ќе имаме квалитетна лига. Треба повеќе внимание да се насочи на помладите категории и работата во клубовите да се усогласи со репрезентацијата, односно клубовите мора да создаваат материјал и да имаат играчи што репрезентацијата ќе може да ги употреби. Клубовите треба да ги следат светските трендови, гледаме денес дека секој може да победи секого, квалитетен ракомет се игра и на Фарски Острови и земји кои до вчера не беа на ракометната мапа. За да имаме една квалитетна Женска лига, од голема важност е да се реши статусот на играчите (финансиски, здравствен), бидејќи нашата лига е аматерска, мораме да преминеме на едно професионално ниво. Тоа е тежок процес на транзиција што треба да се издржи во подолго време за да имаме резултати на репрезентативно и клупско ниво”.

Покрај аматерската лига, проблем во Македонија се и салите, кои заостануваат во поглед на инфраструктурата, а дел од нив не се користат, односни се затворени.

„Од мое гледиште ракометот е зимски спорт и мора да имаме затоплување во салите. Исто така треба да се подобри инфраструктурата во самите сали. Во дел од салите мора се се направат минимални услови како битни репери за подигнување на нивото на лигата. Имаме сали што не се користат, пример спортската сала ,,Македонија” во Прилеп, и за овие сали треба да се најде решение и да се стават во функција”.

Денес Пелистер силите ќе ги одмери со актуелниот шампион Ѓорче Петров во натпревар од првото коло од плеј-офот. Котевски за ривалот од Ѓорче Петров имаше пофални зборови, истакнувајќи дека целта на неговиот тим е да игра квалитетни натпревари со поквалитетни противници.

„Актуелниот шампион Ѓорче Петров се наоѓа во пол позиција, има пет, односно шест бода повеќе од неговите главни ривали. Играчкиот кадар му ја оправдува неговата пол позиција и мислам дека играчки и стручно се добро подготвени, искуството си го имаат и си работат одлично. Во однос на минатото, имаме поквалитетна лига, со интересен плеј-оф, мое мислење е дека до последно коло нема да се знае кој ќе биде шампион, а кој тим ќе обезбеди излез во Европа. Ѓорче Петров ни е прв ривал во плеј-оф фазата. Знаеме за каква екипа станува збор, тимот е уигран, располага со голем ракометен потенцијал, се работи за екипа која што има по неколку репрезентативки во сите категории, но како што кажав и претходно, нашата цел е да играме квалитетни натпревари со квалитетни ривали и да го покажеме нашиот максимум и потенцијал. Во ракометот, како динамичен и гладијаторски спорт секогаш имало изненадување, се надевам дека против Ѓорче Петров ќе одиграме добар натпревар”.

Токму во екипата на Ѓорче Петров настапува ќерката на Адријано (Исидора). Младата ракометарка, која има само 16 години, оваа сезона се пресели во редовите на македонскиот шампион и успешно чекори кон своите цели.

„На Исидора љубовта кон ракометот и е голема, го одбра потешкиот пат и со само 16 години започна да се осамостојува во ракометните води. Секогаш ги има советите од мене, добронамерни и критични, но јас тешко фалам, повеќе критикувам (се смее). Во ниту една ситуација досега немам попуштено, ракометно сум строг, мора да има дисциплина доколку сакаме поголеми резултати. Тука не е само Исидора, се трудам така да работам и како тренер бидејќи само со работа и дисциплина може да се дојде до остварување на зацртаните цели”.

Тренерот од Прилеп посочува дека за заживување на женскиот ракомет треба да има поголема масовност, едукација, но и секој клуб да има стабилна финансиска состојба за да може секојдневно да одржува тренинзи во сала, да оди на турнири, да ги едуцира тренерите…

„Треба во помладите категории повеќе да се вложува, уште во најрана возраст да има едукација, соработка со училиштата, со цел да се привлечат младите девојки. Ракометот е најгруб спорт, динамичен, знаеме дека има доста фаули и девојките одат на помал отпор и одлучуваат да се запишат во ,,понежни спортови”. Мора да имаме поголема масовност во внатрешноста на Македонија. Голем дел од ракометарките од другите градови, поради нерешениот статус одлучуваат да заминат во Скопје, таму да продолжат со факултет и да играат ракомет. Доколку се реши финансискиот план, мислам дека ракометарките ќе си останат во своите градови и нема да бидат приморани од внатрешноста на Македонија да се селат во главниот град. Исто така, тренерите треба да се едуцираат повеќе, да посетуваат стручни семинари низ Европа и да се следат светските трендови”, заврши Котевски.