Костески: Ги исполнуваме сите задачи на селекторот Лазаров, се надевам на позитивен резултат на ЕП

Македонската машка сениорска репрезентација ги одработува последните подготовки пред настапот на Европското првенство во Унгарија и Словачка.

Десното крило Ненад Костески вели дека сите ги исполнуваат задачите на селекторот Кире Лазаров и дека подготовките се одвиваат во најдобар ред.

„Заврши првиот дел од подготовките, сега сме на завршни подготовки пред ЕП. Се е во ред, се исполнуваат сите задачи од селекторот и гледаме сите да ја искористиме приликата до крај. Лично јас сум задоволен како напредуваме, како играме, одиме напред и индивидуално сме подготвени. Задоволен сум од моите настапи на трите натпревари ЕП. Се надевам дека ќе нема повреди и со мирни глави да заминеме на ЕП“, вели Костески.

Веќе се анализираат трите противници во првата фаза – Словенија, Данска и Црна Гора.

„Ги анализираме сите три противници, добро ги знаеме. Со Данска игравме во квалификациите, докажавме дека можеме против нив. Тука е Црна Гора, квалитетна репрезентација која се бори до крај и никако не може да се потцени. Словенците исто така ги знаеме многу добро и знаеме на кој принцип играат. Се надевам на позитивен резултат на тие три меча“, заврши Костески.

Македонија го започннува настапот на ЕП со дуелот против Словенија на 13 јануари, а потоа следуваат пресметките против Данска и Црна Гора.