Корона кај Босна – откажан настапот на „Кроација Куп“, нема да играат ниту Норвешка и Данска

Најнов откажан натпревар на долгата листа е оној меѓу Данска и Норвешка. Кај ривалот на Македонија на ЕП имаше еден позитивен случај, па Норвежаните не сакаат да ризикуваат и кај нив да се прошири заразата.

Сепак останува можноста да се одигра вториот закажан натпревар меѓу две скандинавски селекции на 8 јануари.

Откажано е учеството на Босна и Херцеговина на турнирот во Хрватска. Репрезентацијата на БиХ вчера пристигна во Осијек за натпреварите од ракометниот турнир „Кроација Куп“, но при сместувањето во хотелот секој репрезентативец и член на стручниот штаб направил брз антигенски тест на Ковид 19 и кај дел од босанските репрезентативци било утврдено присуство на коронавирус.

Сè уште не се знае колку играчи на БиХ се позитивни на Ковид 19 и дали се воопшто позитивни со оглед на тоа што сите ракометари имале негативен ПЦР тест пред тргнувањето за Хрватска.

Поради празниците во Хрватска не било можно да се направат ПЦР тестирања. Во договор меѓу ракометните федерации на БиХ и Хрватска, како најдобро решение било одлучено ракометарите на БиХ да се вратат дома.

Хрватска и БиХ требаше да одиграат пријателски натпревар во Осијек, па така со откажувањето на БиХ, „коцкестите“ на 7 и 8 јануари ќе ги одмерат силите против Русија.