Колку ќе заработат македонските екипи во Лигата на Европа?

Во следната сезона Македонија ќе има четири претставници во европските купови. Сигурно е дека Вардар ќе биде дел од Лигата на шампионите, но останува дилемата кои три екипи ќе бидат пријавени во Лига Европа? Ако Еурофарм Пелистер и Металург се сигурни патници во новоформираниот куп, останува уште едно место за кое треба да реши РФМ, а за тоа конкурираат Охрид, Бутел па и Пролет.

Според усвоените правила на ЕХФ, во Лига Европа ќе играат вкупно 24 екипи. Македонија ќе добие едно директно место во групите, а другите два тима ќе играат квалификации – едно ќе стартува од прво коло, а вториот од второто коло.

Од оваа сезона и настапот во Лига Европа ќе носи и финансиски надомест, од 500 евра во првото квалификациско коло, до 9.000 евра по натпревар во групната фаза. Најдобрите три екипи што ќе стигнат до завршниот турнир ќе имаат по 50.000 евра . Сето ова е примамливо бидејќи играњето во групната фаза од Лига Европа ќе донесе и шанса за заработка.

Квалифкациите се закажани за крајот на август, 29 и 30 август првите натпревари од првото квалификациско коло, а возвратните на 5 и 6 септември. Второто квалификациско коло е закажано за 22 и 29 септември. Групната фаза би требало да почне на 20 октомври. Вкупно 24 екипи ќе бидат поделни во 4 групи со по 6 екипи, и секој ќе одигра по 10 кола.