Колку што има години, толку има освоени титули во кариерата!

Рускиот портал „Брз Центар“ ги објави ракометарките, кои имаат освоено најмногу титули во своите кариери. Во ТОП 10 листата со освоено најмногу титули, имаше место за четири ракометарки од Црна Гора, три од Русија, две од Норвешка и една од Бразил. Меѓу ракометарките со најмногу освоени титули се најде и екс членка на Вардар.

1.Катрин Лунде (Норвешка) – 42 титули

Најмногу титули кај дамите има собрано репрезентативката на Норвешка, Катрин Лунде, која, иако има 42 години, се уште брани како во најдобрите денови. Искусната голманка во својата кариера има освоено дури 42 титули, последната ја освои пред неколку месеци кога со Вајперс Кристијансад ја одбрани титулата во Лигата на шампионите.

Лунде првиот трофеј го освои во 2004 година на Европското првенство во Унгарија. Во нејзината колекција на медали има и две титули од Олимписките игри во 2008 и 2012 година, како и голем број титули со нејзините поранешни клубови – Виборг, Алборг, Ѓер и Ростов Дон.

2.Милена Раичевиќ (Црна Гора) – 40 титули

На второто место по бројот на освоени титули се наоѓа репрезентативката на Црна Гора, Милена Раичевиќ. Црногорката има вкупно 40 титули, две помалку од легендарната Катрин Лунде. Раичевиќ со екипата на Будуќност има освоено 36 титули, односно две титули во Лигата на шампиони и Куп на победници на куповите, по 14 титули во црногорскиот шампионат и црногорскиот Куп, како и пет трофеи во Регионалната лига. Го има и златото од Европското првенство во 2012 година, а во својата кариера има и три титули со турски Кастамону.

3.Јованка Радичевиќ (Црна Гора) – 39 титули

На третото место е екс ракометарката на Вардар, Јованка Радичевиќ со 39 титули, а сигурно ќе има повеќе, бидејќи потпиша со Крим, неприкосновениот владетел на словенечкиот ракомет. Радичевиќ со репрезентацијата на Црна Гора го освои златниот медал на Европското првенство во 2012 година, додека со нејзините поранешни клубови, меѓу кои и Вардар, има освоено голем број на титули од националните првенства.

Кружниот напаѓач од Норвешка, Хајди Локе и ракометарката, која во минатото важеше за една од најдобрите играчи на позицијата десно крило, бразилката Александра До Насименто, имаат освоено 36, односно 35 титули. На 6 и 7. позиција се најдоа уште две ракометарки од Црна Гора – Мајда Мехмедовиќ и Марина Рајчиќ. Мехмедовиќ има освоено 32 титули, додека Рајчиќ 31. Двете ракометарки беа дел од најголемите успеси на Будуќност и репрезентацијата на Црна Гора.

Трите репрезентативки на Русија, кои настапуваат за Ростов Дон, Ксенија Макеева, Јулија Манаагрова и Ана Сен, имаат освоено над 20 титули. Макеева има освоено 29, Манагарова 28, а Сен 26 титули во својата кариера.