„Колку помалку тренираме, толку играме подобро“

Репрезентативецот на Белорусија, Никита Вајлупов, кој во оваа сезона од Мешков Брест ги засили редовите на Веспрем, во емисијата „Спорт Клуб” на ТВ каналот ОНТ зборуваше за неговата адаптација во унгарскиот гигант.

Искусното десно крило откри дека главен виновник за неговиот трансфер во Веспрем е тогашниот тренер на клубот Давид Дејвис.

„Доколку сум на теренот, тоа значи дека тренерот ми верува. Пред да го направам трансферот во Веспрем ми се јави тогашниот тренер Давид Дејвис, веднаш ме купи, откако ми постави низа прашања, како се опоравувам од повредата, како тренирам, дали јадам лоша храна (се смее). За 17 години во мојата кариера во Белорусија ниту еден тренер не ми поставил такви прашања и не покажал таков голем интерес”, изјави Вајлупов.

Белорусинот смета дека колку помалку тренираат со неговите соиграчи, толку повеќе играат сѐ подобро и подобро.

„Имаме нов кондициски тренер од Србија. Кондиционите тренинзи се многу интересни и најчесто правиме вежби за дишење, вежби за координација на движењата… Парадоксот е што колку помалку тренираме, толку играме подобро. Тренираме околу еден час, бидејќи имаме многу натпревари. После секој тренинг ги запишувам информациите во мојот дневник”, заврши Вајлупов.

Веспрем на 22 октомври ќе го одигра дерби натпреварот против ПИК Сегед во домашниот шампионат.