Колку вајлд-карти ќе има ИХФ за Мундијалот во Египет – две, три или четири?

Лавина реакции предизвика одлуката на Европската ракометна федерација да ги одложи квалификациите за место на Мундијалот во Египет следната година поради коронавирусот. Од ЕХФ беа децидни дека поради натрупаниот календар не може да се најде место уште за една репрезентативна акција од септември, но мислењата на многу ракометни стручњаци се спротивни.

Шансата на Македонија и уште 13 други селекции да се борат на теренот за место на СП отиде во неврат, но остана шансата за вајлд карта од ИХФ. Досега се познати 28 учесници на Мундијалот, а треба да се пополнат уште четири места.

Едното место треба да се пополни со најдобриот тим од зоната на Северна Америка и Кариби (квалификациски турнир првично беше закажан во Мексико од 28 април до 3 мај), додека уште едно место има за најдобриот тим од Јужна и Централна Америка што нема обезбедено СП (квалификациски турнир беше закажан во Сан Салвадор од 8 до 13 мај). Двата турнири беа одложени еднаш и презакажани за 1 до 7 јуни во Мексико, и од 15 до 21 јуни во Ел Салвадор, но пак се одложени поради состојбата со коронавирусот.

ИХФ го постави 31 октомври како последен датум до кој овие квалификациски турнири мора да се одиграат и да бидат комплетирани учесниците. Доколку не се одиграат до тогаш, ИХФ ќе има на располагање уште две вајлд-карти, па многу веројатно дека дури во ноември ќе бидат познати сите патници на СП.

Тоа значи дека светската куќа на ракометот сигурно ќе подели најмалку две, а може да има три или четири вајлд-карти, па нашата репрезентација сигурно ќе влезе во комбинација, како најдобро пласирана на ЕП што се уште нема обезбедено место на Мундијалот. Тука се Црна Гора, Србија, Русија и Полска, а доколку нема квалификации во американската зона, едната вајлд-карта со сигурност ќе оди за САД, а за преостанатите евентуално три, европските земји ќе добијат конкуренција во Чиле.

Ракометната федерација на Македонија најави дека нема да се откаже од можноста сениорите да играат на СП во Египет и со сите сили ќе се обиде да стигне до вајлд-карта.

Учесници на Светско првенство во Египет 2021 година (28/32):

🇪🇬 Египет
🇩🇰 Данска
🇪🇸 Шпанија
🇭🇷 Хрватска
🇳🇴 Норвешка
🇩🇿 Алжир
🇦🇴 Ангола
🇨🇻 Капе Верде
🇨🇩 Конго
🇲🇦 Мароко
🇹🇳 Тунис
🇧🇭 Бахреин
🇯🇵 Јапонија
🇶🇦 Катар
🇰🇷 Јужна Кореја
🇦🇷 Аргентина
🇧🇷 Бразил
🇺🇾 Уругвај
🇦🇹 Австрија
🇧🇾 Белорусија
🇨🇿 Чешка
🇫🇷 Франција
🇩🇪 Германија
🇭🇺 Унгарија
🇮🇸 Исланд
🇵🇹 Португалија
🇸🇮 Словенија
🇸🇪 Шведска