Кои се ракометарите од кои се очекуваше многу повеќе оваа сезона – Горбок, Горпишин, Атман, Кугис…

Рускиот реномиран портал „Брз центар“ состави листа од десет играчи од поранешниот СССР кои сезонава не беа на потребното ниво и од кои се очекуваше да дадат многу повеќе. Најголем дел од нив се членови на Вардар, а меѓу нив се Сергеј Горбок, Павел Атман, Сергеј Горпишин и Артурс Кугис.

Горбок на последните три натпревари за Вардар во Лигата на шампионите постигна 13 гола. Но тоа беше скоро сè што направи за екипата откако доби шанса по заминувањето на Атман. Претходно со доаѓањето на тренерот Писонеро, Горбок немаше место во тимот и најчесто беше на клупата.

Тешко е да се предвиди како ќе се развиваше кариерата на Атман доколку немаше толку проблеми со повредите. Тој после две години поминати во Германија во Хановер пристигна во Вардар. Но тука не се истакна премногу, а бројот на натпревари на кои не играше или играше малку го надмина бројот на кои беше носител на играта.

Можеби трансферот на младиот Сергеј Горпишин во Вардар беше прерaно за него, сепак шансите Русинот да добие можност за настап беа големи. Стоилов имаше проблеми со повреда, а Калараш договор со Мотор Запорожје, додека останатите конкуренти за место во тимот беа на слично ниво. Но развојот на настаните не беше во негова корист, се врати Калараш, потоа Горпишин имаше проблеми со повреда и успеа да запише скромни три гола во Лигата на шампионите.

Летонецот Артурс Кугис имаше блескави настапи во репрезентативниот дрес, но во клубот не се истакна премногу. Тој во Вардар пристигна од втората Бундес лига и требаше да го замени фантастичниот Дејан Милосављев. Немаше голема конкуренција во Калифа Гедбан за место на голот на Вардар, но неговите изданија не ги оправдаа очекувањата и двајцата голмани паднаа во сенка на Марко Кизиќ.

Сергеј Горпишин и Сергеј Горбок и понатаму се дел од Вардар, додека Павел Атман го напушти тимот во текот на сезоната, а Артурс Кугис најави дека заминува по крајот на сезоната.

Во ТОП 10 листата на играчи од поранешниот СССР од кои се очекуваше повеќе оваа сезона покрај четворицата вардарци се најдоа уште Русите Константин Игропуло од Висла Плоцк и Дмитри Житников од ПИК Сегед, Украинците Сергеј Онуфриенко од Шарт и Алексеј Шинкел од Балатонфуреди, како и Белорусите Артур Карватцки од Олимпијакос и Вјачеслав Салдаценка од Бакау.