Кои се можните ривали на Металург и Бутел во Лигата на Европа – од Мелсунген и Бидасоа до Спачва и Еш

Тимот на Еурофарм Пелистер ќе игра директно го групната фаза од Лигата на Европа, додека Бутел Скопје и Металург ќе мора да почнат од првото квалификациско коло. Ако за Бутел беше за очекување да стартува од првото коло, тогаш за тимот од Автокоманда е изненадување што мора да мине два филтри.

И според рејтингот на државата, и според рејтингот на клубот, Металург мораше да добие место во второто квалификациско коло, но во ЕХФ очигледно мислат поинаку.

Во првото квалификациско коло има 30 екипи, кои ќе бидат поделени во два шешири и ќе бидат формирани 15 двојки. Двата наши претставника ако бидат во ист шешир нема да може да играат еден против друг, но доколку бидат во различни шешири, може да имаме и македонски двобој.

Европската ракометна федерација до крајот на оваа седмица најави дека ќе ги објави и шеширите пред ждрепката, па до тогаш може да го погледнеме списокот и да ги видиме можните противници на нашите клубови.

Можни ривали на Металург и Бутел Скопје: Фиверс (Австрија), СКА Минск (Белорусија), Горица (Хрватска), Дубрава (Хрватска), Спачва (Хрватска), Бјерингбро (Данска), Скјерн (Данска), Холстебро (Данска), Бидасоа (Шпанија), Екс Прованс (Франција), Мелсунген (Германија), Ѓенѓеш (Унгарија), Валур (Исланд), Еш (Луксембург), Хаслум (Норвешка), Арендал (Норвешка), Азоти (Полска), Белененсес (Португалија), Бенфика (Португалија), Констанца (Романија), Турда (Романија), ЦСКА Москва (Русија), Виктор (Русија), Тримо (Словенија), Луцерн (Швајцарија), Винтертур (Швајцарија), Малме (Шведска), Кристијанштад (Шведска).

Има тимови како Горица, Спачва, Еш, Белененсес, Виктор…кои би можеле да ги наречеме лесна ждрепка, но има тимови како Скјерн, Бидасоа, Мелсунген, Екс Прованс, Азоти, Констанца, кои сигурно не се нималку наивни ривали. Но кога ќе биде извршена поделбата по шешири, ќе биде скратен списокот.

Термините за првото квалификациско коло се 29/30 август, а реваншите ќе се одиграат една седмица подоцна. Ждрепката ќе се одржи на 28 јули.