„Кога ќе се врати ракометот на терените ќе уживате двојно повеќе“

Најдобриот ракометар на Аргентина и среден бек на Монпелје, Диего Симоне беше прогласен за МВП на завршниот турнир од Лигата на шампионите во сезоната 2017/18  кога неговиот тим го освои вториот трофеј наменет за најдобриот клуб во Европа.

Паузата заради пандемијата од коронавирусот го ограничи движењето на луѓето, па така и Симоне времето го поминува во својот дом. Во интервју за сајтот на ЕХФ Аргентинецот говореше за животот без ракомет, своите планови, но и за новата друштвена игра која за прави.

„Главната цел во овој период ми е да ја задржам формата, правам посебни вежби за моите нозе и рамена што ми е многу важно. Практикувам многу јога, истегнувања и некои физички вежби за да се спречат повредите. Враќањето ќе биде многу тешко, има работи кои не можат да се тренираат дома. Тоа се работите кои ме прават играч каков што сум, скок, дриблинг за ова да го постигнам морам да тренирам секој ден“, рече Симоне.

Аргентинецот е голем љубител и за разлика од поголемиот број ракометари кои се забавуваат со филмови, серии и видео игри, тој обожава друштвени игри. Дури е и на пат да создаде своја игра која наскоро ќе може да се купи во Аргентина. Исто така времето дома го користи да погледне некој натпревар кој го има пропуштено и да се потсети на своите настапи.

„Секогаш сакам да ги гледам моите натпревари, да ги видам грешките и да ги поправам. Повторно ги гледав последните натпревари кои ги играв и навистина бевме добри. Во овој момент на сите играчи им недостасуваат натпревари за да се вратат во форма. Јас сум голем фан на друштвените игри и многу време поминувам играјќи со сопругата. Периодов додека сум дома се трудам да креирам моја друштвена игра која за околу два месеци ќе почне да се произведува. Главната работа во играта е реконструкција на историјата на Аргентина, ќе се игра со два до седум играчи и ќе мора многу да се зборува“, објасни Симоне.

За крај Диего Симоне испрати порака до сите љубители на ракометот на кои моментално им недостасува играта и натпреварите.

„Понекогаш е добро да пропуштите нешто, кога ќе се врати ракометот ќе уживате двојно повеќе во него. Засега остенете дома и почитувајте ги препораките, тоа е во корист на сите“, заврши најдобриот играч од сезоната 2017/18.