„Кога дојдов во Сиудад Реал неколку месеци не можев да му дадам гол на Штербик“

Пикерот на Еурофарм Пелистер, Украинецот Oлександер Шевелев кој најави дека по крајот на сезона си заминува од Битола за медиумите во Украина говореше за времето кога настапуваше во Сиудад Реал.

Шевелев е единствениот Украинец кој играл во финалето од Лигата на шампионите со Сиудад Реал но не успеа да стигне до титулата откако загубија од Барселона. Тој сподели некои интересни моменти од престојот во Шпанија.

„Чувството беше посебно кога преминав во Сиудад Реал, не верував дека ми се случува тоа. Бев непознат играч во најдобриот клуб на светот. Тешко беше да се справам со емоциите и со притисокот. Првите неколку месеци дури и на Штербик не можев да му дадам гол. Претежно играв во првенството на Шпанија кога Агинагалде требаше да одмара, а имав и неколку настапи во Лигата на шампионите“, коментираше Шевелев.

Украинецот додека бил во Шпанија во имал многу нарачки од познаници за сувенир од најдобрите ракометати во светот во тоа време како што биле Абало, Динар или Штербик кои иако ги подготвил не успеал да ги однесе во Украина. Исто така откри и колкава му била платата.

„Многумина ме замолија да им донесам маица од Абало, шорцеви од Динар или нешто од Штербик. Полека почнав да ги собирам нарачките нешто од играчите нешто од клупската продавница. Кога требаше да ја напуштам Шпанија имав два куфери со моите работи и уште еден со подароци. Директорот на клубот ме убеди да не носам толкав багаж и дека тој ќе ми ја прати торбата со што остана но таа никогаш не стигна. Ми беа вратени 1000 евра од осигурувањето, но тоа не направи да ми е полесно. Мислам дека брендираната торба од Сиудад Реал немаше да биде изоставена од ниту едно мое патување. Поминаа скоро десет години од тогаш и можам да кажам дека тогашната плата ми беше 4500 евра“, сподели Украинецот.