Кобетиќ: Луѓето се исплашени, ама не треба да создаваме хистерија!

Најдобрата ракометарка од Хрватска во последните години, Андреа Кобетиќ која настапуваше и за ѕвездениот тим на Вардар кризата со коронавирусот ја преживува во својата татковина.

После дуелот со Кастамону во кој Шиофок лесно обезбеди пласман до полуфиналето од ЕХФ купот ракометарките добиле неколку дена слободно за  репрезентативните собири, но како што изгледа сето тоа ќе потрае подолго. Клубот не работи, а во Унгарија имаше идеја да се игра пред празни трибини, но тоа траеше многу кратко.

„Прво ни рекоа дека ќе играме пред празни трибини, но потоа ни јавија дека клубот е затворен и никој нема да работи па сме слободни до неодредено. Сè започна некаде далеку во Кина, но одеднаш стана многу сериозно. И ние спортистите следиме што се случува, треба да ги следиме препораките и да не правиме хистерија, но секако луѓето се исплашени“, рече Кобетиќ.

Андреа Кобетиќ истакна дека се придржува кон препораките од надлежните и побара од луѓето да останат смирени и во своите домови.

„Ова ми паѓа доста тешко, дојдов во Загреб и сакам да се сретнам со блиските но мора да останам во четири ѕида. Сите мораме да се стрпиме, нема да ни се случи ништо ако останеме два дена повеќе затворени без разлика на тоа што луѓето не се навикнати да бидат ограничени. До минатата недела одев во теретана но после препораките престанав и само трчам во природа“, заврши Кобетиќ.