Кирил Лазаров во изолација, позитивен на Ковид 19

Капитенот на репрезентацијата на Македонија, Кирил Лазаров е позитивен на Ковид 19 на последното тестирање на тимот на Нант пред дуелот од Лигата на шампионите против составот на Целје.

Тој и Адриа Фигуерас се седмиот и осмиот ракометар кои се позитивни на корона, па поради овие позитивни случаи средбата против екипата на Целје е одложена и нема да се одигра утревечер како што беше планирано.

„Последните тестови за Ковид 19 направени во понеделникот открија два нови позитивни случаи во екипата на Нант“, стои во краткото соопштение од клубот.

Француските медиуми веќе ги открија имињата така што се знае дека Лазаров и Фигуерас ќе бидат тие кои ќе бидат надвор од терените следните денови, но и тимот на Нант нема да може да игра натпревари.

Ова е веќе трета средба на Нант од Лигата на шампионите која се одлага поради позитивни случаи откако претходно беа одложени и натпреварите против Мотор Запорожје и ППД Загреб.