Кил по пауза од пет години ја освои „Фленс арената“

Ракометарите на Кил по пауза од речиси пет години конечно успеаја да го совладаат Фленсбург на гостински терен откако во големото дерби од 31.коло во Бундес лигата триумфираа со еден гол разлика, 27:28.

Последниот триумф на Кил против Фленсбург во „Фленс арената“ беше остварен на 12 декември во 2017 година. Во денешниот натпревар „зебрите“ беа повеќе концентрирани во одлучувачките моменти. Фленсбург на дваесетина секунди пред крајот имаше напад за реми, но ударот на Џим Готфридсон не успеа за заврши во мрежата на Никлас Ландин.

Дерби натпреварот целосно ги оправда очекувањата, во кој двете екипи водеа голема борба во текот на сите 60 минути, а победникот беше одлучен во самиот финиш. Највисокото водство на натпреварот беше три гола разлика кога Кил во првите 30 минути се одлепи на 8:11, а на полувреме, избраниците на Филип Јиха заминаа со минимална предност од 12:13.

Во второто полувреме домаќините го презедоа водството и го контролираа резултатот до 55 минута. Сепак, Кил во последните пет минути ги казни сите грешки на домаќините и успеа да се израдува на победа со која останува во игра за второто место, кое што носи пласман Лигата на шампионите.