Кил и Келце супериорни, со лесни бодови во Лигата на шампиони

Фаворитите Келце и Кил во рамки на 3. коло од Лигата на шампионите сигурно стигнаа до победа на гостувањата. Кил беше подобар од Целје со 35:24, додека Келце на гостувањето кај Елверум славеше со 31:22.

Целје имаше фантастичен почеток, поведе со 5:0 против Кил, но бундеслигашот покажа дека може да се врати од секаква непријатна ситуација. Гостите возвратија со иста серија и веќе го имаа првото водство од 7:6. До крајот на полувремето Кил го контролираше резултатот и на одмор замина со 16:13.

Во второто полувреме Кил доминираше на теренот и од почетокот до самиот крај на вторите 30 минути гостите го диктираа темпото и резултатот. Во завршницата Кил го имаше највисокото водство од 12 разлика и стигна до уште една сигурна победа. Хорзен со четири гола беше прв стрелец во Целје, а Пекелер со шест погодоци беше најефикасен во Кил, пред Екберг со пет гола.

Келце со одлично издание уште во првото полувреме ги обезбеди бодовите на гостувањето во Норвешка. По првото полувреме избраниците на Талант Душебаев имаа предност од 18:11. Во продолжението рутински го одржуваа водството и забележаа нова победа. Турна беше најефикасен со пет гола во тимот на Келце, а Вујовиќ и Алекс Душебаев постигнаа по четири. Мате со пет гола беше најдобар во тимот на Елверум.