Кил во во вториот дел го скрши отпорот на ПИК Сегед

Екипата на Кил по поразот во второто коло од Целје, денес на свој терен ја прослави втората победа во Лигата на шампионите, откако во натпревар од 3. коло триумфираше над незгодниот состав на ПИК Сегед, со резултат 34:29, во натпревар од групата Б. Кил со освоената победа фаќа приклучок кон првите две позиции во својата група, а ПИК Сегед заедно со Елверум, моментално, остануваат на дното на табелата без бодови.

Избраниците на Филип Јиха со погодоците на Валиниус и Рајнкинд поведоа со 2:0 во воведниот дел. Гостите од Унгарија првиот гол го постигнаа во 5 минута и од тој момент заиграа поангажирано во нападот. По водството на „зебрите“ од 3:1, составот на ПИК Сегед со два гола во низа израмни на 3:3 и во понатамошниот тек од првите 30 минути беше речиси рамноправен противник.

ПИК Сегед секогаш кога требаше да направи пресврт во првите петнаесетина минути и да поведе, недостасуваше лидер во унгарската екипа, кој требаше да ја преземи одговорноста во свои раце. Кон средината на првото полувреме водството на Кил беше 6:5, додека во последниот период од првиот дел екипата на ПИК Сегед влезе во мала криза и му дозволи на домаќинот да се одлепи на 9:6.

Kил уште до два наврати имаше водство од три гола разлика, водеше со 10:7 и 11:8 и во последните седум-осум минути екипата предводена од Хуан Карлос целосно се врати во игра, израмни на 11:11 и до крајот на полувремето се играше во егал. По 30 минути игра, резултатот беше 15:14 во корист за домаќините.

Унгарскиот тим го голот на Роста дојде до 15:15 во второто полувреме и сѐ уште беше во игра за освојување на бодовите. Сепак, поискусната екипа со погодоците на Рајнкинд и Дувњак се одлепи на 19:16, откако претходно резултатот беше 16:16 и во тој момент домаќинот го скрши отпорот на гостинот и до крајот на натпреварот постојано беше во резултатска предност од четири до пет гола разлика.

Одлична партија во победничката екипа имаше голманот Томас Мрква, кој натпреварот го заврши со 17 интервенции. Најефикасени во редовите на Кил беа Никлас Екберг со шест и Харалд Рајнкинд со пет гола. Во поразениот табор се истакна Миклош Роста со пет гола.

Во следното, четврто коло, Кил ќе гостува кај Келце во Полска. ПИК Сегед првите бодови во новата натпреварувачка сезона ќе ги бара во дуелот против Алборг.