Келце ќе добие помалку пари од буџетот на градот

Во изминатите години буџетот на градот Келце беше главен спонзор на ракометниот клуб, но секоја наредна година помошта од градските власти за клубот е сè помала. Клубот можеше да смета на 2,5 милиони полски злоти или околу 550 илјади евра, но овој износ постојано се намалува.

Минатата година градот му помогна на клубот со 1,5 милиони злоти, а подоцна Келце доби уште 300 илјади злоти. На почетокот на годината беше потпишан договор во износ од 855 илјади злоти кои клубот ќе ги добие за промовирање на градот. Од Келце се задоволни и со оваа финансиска помош.

„Сакаме да истакнеме дека ние ги разбираме овие времиња на пандемија и ја почитуваме одлуката на градот да ја продолжи соработката со клубот потпишувајќи нов договор. Иако финансиските очекувања од клубот беа повисоки, се надеваме на понатамошна соработка и продолжување во иднина. Од страна на клубот ќе бидат вложени максимални напори за достојно претставување и промовирање на градот на домашна и европка сцена“, информираа од клубот Келце.

Во меѓуврме Келце беше во финансиска криза, но успеа да најде нов спонзор во пиварницата Ломза која овозможи клубот да ги задржи главните ѕвезди и да остане конкурентен.