Келце прати на позајмица уште еден ракометар

Полскиот шампион Келце за следната сезона ангажираше голем број на ракометари, па така неколку од нив ќе играат на позајмица во други клубови, а еден од нив ќе биде и младиот ракометар Ноа Зубац.

19-годишниот Хрват со шведски пасош, кој настапува за младинските репрезентации на Шведска во следната сезона ќе биде на позајмица од Келце во Гвардија Ополе. Се работи за клуб кој минатата сезона заврши на 9. позиција во полскиот шампионат, а за следната сезона има поголеми амбиции, односно остварување на повисок пласман на домашна сезона.

Челниците на Гвардија Ополе преку официјалната страна на клубот ја потврдија соработката со Зубац истакнувајќи дека перспективниот ракометар од Шведска ќе биде големо засилување за тимот.

Младиот ракометар со раководството на Келце во февруари, 2022, потпиша договор на пет сезони, но главниот човек на полскиот шампион, Бертус Сервас изјави дека најдобро решение за левиот бек од Шведска ќе биде да игра на позајмица во друг клуб.

Зубац во оваа сезона настапуваше во Втората лига во Шведска, за тимот на Кара, а претходно беше член на Савехоф. Се очекува и Стефан Додиќ да биде испратен на позајмица, а тоа може да биде во Вардар.