Кастратовиќ: Не се опуштаме, Спачва е тим од првенство на вицешампионот на Европа

После добивањето на противникот за 1. квалификациско коло несомнено е дека во таборот на Металург владее задоволство бидејќи желбите се исполнети.

Прво нема да мора да се патува многу бидејќи се работи за тим кој е од Винковци, а покрај тоа и еден од ривалите против кои Металург влегува како голем фаворит.

„Во една ваква полудиригирана ждрепка секако можеше и да се предвиди малку и кој би можел да биде противникот. Се работи за екипа која доаѓа од Хрватска, а тоа е земја која е актуелен вицешампион на Европа. Нема да се опуштиме. Во моментов немаме квалитетни информации за ривалот, но ќе се обидеме што е можно побрзо да успееме да дојдеме до нив“, вели тренерот на Металург, Зоран Кастратовиќ.

Тоа што првата средба се игра дома може и да не биде предност бидејќи се работи за старт на сезоната.

„Ова ќе ни биде првиот официјален натпревар во новата сезона. Сосема извесно е дека сакаме да влеземе добро во сезоната, но сакаме и во следниот период да оформиме игра по која Металург ќе биде препознатлив. Ќе се обидеме да го направиме тоа во подготвителниот период и тоа да го покажеме на натпреварите“, коментираше тренерот на Металург, Зоран Кастратовиќ за 24Ракомет.

Инаку, првите средби се играат во последниот викенд од следниот месец односно на 29 или 30 август, додека реваншот ќе биде на 5 или 6 септември.