Каралек: Келце не ни должи ништо, но и да се случи најлошото – парите нема да ни пропаднат!

Во полскиот шампион Келце се уште се актуелни финансиските проблеми, но белорускиот репрезентативец Артем Каралек вели дека клубот не должи на никој од ракометарите.

Тој во интервју за „BY Sport“ откри дека Бертус Сервас им ветил на ракометарите дека ќе направи се што е во негова моќ да го задржи Келце на ова ниво.

„Се трудиме да не мислиме на проблемите. Претседателот Сервас ни вети дека ќе направи се што зависи од него и ќе се обиде да го одржи Келце. И доколку се случи најлошото, тој вети дека ќе не исплати до крај. Мислам дека нашите пари нема да ни пропаднат. Сите сме професионалци, се подготвуваме стандардно за натпреварите, ништо особено не се случува. Во овој момент не ни се должи ништо. Јас сум тука петта сезона и секоја година има ваква ситуација – ќе биде крај. Ракометот не е како фудбалот и постојано се соочуваме со вакви проблеми, еден спонзор заминува, па друг, па втор, па трет…Но, како и да е, се одржуваме…“, вели Каралек.

Полскиот шампион игра одлично сезонава во Лигата на шампионите и најверојатно ќе се пласира директно во четвртфиналето.