Карабатиќ ќе игра во Токио: Им благодарам на докторите, брзо ме вратија во форма

Репрезентацијата на Франција ќе биде меѓу главните кандидати за златниот медал и на Олимписките игри во Токио, а за натпреварите на овие игри „триколорите“ ќе бидат посилни за Никола Карабатиќ.

Тој успеада ја залечи повредата и полека да се врати во ритам, така што сега е подготвен за да може да настапи.

„Задоволен сум од работата која ја завршија докторите. Тие ме вратија на нозе за прилично кратко време и ми помогнаа да се вратам во форма. Сега тренирам со голема желба. Постојат примери на играчи со иста повреда како мојата. Им требаа по 8-9 месеци да се вратат на терен во повеќе или помалку нормална форма. Јас се чувствувам одлично и сум одлично мотивиран“, изјавува Карабатиќ.

Тој смета дека е добро што на игрите селекцијата на Франција ќе стартува против репрезентациите од Јужна Америка иако нема да биде воопшто лесно и против нив.

„Очекувам да почнеме добро на Олимписките игри со оглед на тоа што за противници ги имаме селекциите на Аргентина и на Бразил, но тоа не се тимовите од пред десет години. Сега научија како треба да играат за да победуваат и против одлични состави. Ова го знаеме одлично и на тие средби нема да пристапиме како да се работи за пријателски дуели. Сепак, сè ќе одлучат натпреварите против врвните тимови“, коментира Карабатиќ.

Франција оди на Олимписките игри како кандидат за медал, но јасно е дека квалитетот не е како пред неколку години така што мисијата ќе биде многу тешка.