Канкараш: Дојдов во Металург по трофеи

Најновото засилување за тимот на Металург е црногорскиот репрезентативен пивотмен Бранко Канкараш.

Поранешниот играч на Мешков Брест потпиша договор со тимот од Автокоманда и се очекува да биде еден од носителите на играта во тимот на Зоран Кастратовиќ.

„Драго ми е што потпишав договор, а уште подраго ми е што најдов клуб со традиција и име, кој сака да се врати на местото на кое беше во македонскиот ракомет. Се радувам што ќе бидат дел од тој проект и заеднички ќе се потрудиме да го вратиме Металург ќаде што беше“, вели Канкараш за „Арена“.

Покрај Канкараш во составот на Металург играат уште двајца црногорски интернационалци Милан Поповиќ и Лука Вујовиќ.

„Задоволен сум што таму се уште Милан и Лука, бидејќи се познавам со нив и сум во добри односи, па ќа ми помогнат во адаптацијата. Се радувам што ќе играм за Металург и што ќе живеам во Скопје“, вели Канкараш.

Металург последен пат беше првак во 2014 година и оттогаш е во сенка на Вардар. Покрај Канкараш потпиша и Момир Рниќ, а ќе дојдат уште неколку нови играчи, па тимот се надева на борба за трофеите со Вардар и Еурофарм Пелистер.

„Тоа е целта и затоа потпишавме Рниќ и јас. Сега и другите играчи кога ќе видат кој дошол во Металург може да кажат дека клубот донел двајца квалитетни играчи, и дека има сериозни намери. Драго ми е што има и многу млади ракометарки, па ќе имаме спој на младост и искуство, што сметам дека ќе донесе резултат“, завршува Канкараш.

Кружниот напаѓач освен за Мешков Брест, претходно играше и за Југовиќ, Металопластика, Војводина, турскиот Мерсин, како и француските Валанс и Истр.