Каланадзе со „Македонските Грузијци“ по изненадување во Швајцарија

Селекцијата на Грузија ќе има можност да настапи на Европското првенство 2024, кое ќе се одржи во Германија, доколку успешно ги мине квалификациските натпревари.

Со новиот селектор, екс ракометарот на Вардар, Тите Каланадзе, репрезентацијата на Грузија ќе атакува на изненадување на првиот квалификациски натпревар против Швајцарија.

Каланадзе веќе го одбра составот за првите два квалификациски натпревари, против Швајцарија и Унгарија. На списокот кај Каланадзе имаше место и за неколку интернационалци од Грузија, кои на клупско ниво настапуваат во македонската елита.

Станува збор за голманот и левото крило од Охрид, Зураб Цинцадзе и Хасеин Рустамов, како и за средниот бек на Прилеп, Мириани Гавашелишвил. Како што е веќе познато, крај на репрезентативната кариера стави искусниот Реваз Чантурија, кој во Прилеп има двојна улога, тренер и играч.

На списокот се наоѓа и Иракли Кбилашвили, екс член на Металург, како и поранешните ракометари на Пелистер и Струга, Темо Орјоникидзе и Гиорги Дикаминџија.

Грузија во квалификациите е во група со Швајцарија, Унгарија и Литванија. Првиот дуел избраниците на Каланадзе ќе го одиграат утре против Швајцарија, додека на 16 октомври во Тбилиси ќе ја пречекаат Унгарија.