Кадетките и парираа долго време на Норвешка, но на крајот загубија убедливо

Женската кадетска репрезентација на Македонија го доживеа четвртиот пораз на Европското првенство, откако загуби од селекцијата на Норвешка со 32-21 во разигрувањето за пласман од 9 до 16 место.

Избраничките на Кристијан Грчевски долго време одолеваа и беа во егал со силниот противник. Беше 5-5, 7-7, потоа Норвешка се одлепи на плус 13-10, но Кралева намали од пенал.

Сепак две грешки на нашите ракометарки во финишот на полувремето беа казнети и Норвежанките на пауза, можеби и незаслужено со оглед на случувањата на теренот, заминаа со плус четири, 15-11.

Во второто полувреме имаше слична приказна, иако во повеќе наврати Македонија намали на минус три, а потоа и на минус два, 19-17. По серијата на Норвешка од пет гола за 24-17, немаше веќе назад и до крајот ривалот одработи рутински.

Најдобри стрелци во македонскиот состав беа Младеновска со седум и Кралева со пет погодоци, додека голманката Гошевска имаше седум интервенции. Следен предизвик за Македонија утре во терминот од 13:30 часот ќе биде селекцијата на Португалија.

Следете не на нашите социјални мрежи, на Facebook, и бидете дел од Viber заедницата на 24Ракомет – добивајте ги сите информации веднаш на вашиот телефон!