Кадетите ги дознаа ривалите на СП – две европски селекции и еден аутсајдер

Машката кадетска репрезентација на Македонија ги доби ривалите во групната фаза на Светското првенство што ќе се игра во Хрватска.

Избраниците на Раде Стојановиќ ќе играат во Ријека, против селекцијата на Норвешка, која би можело да се каже дека е добра ждрепка од првиот шешир со оглед на другите можни ривали.

Втор ривал ќе биде селекцијата на Црна Гора, со која сигурно ќе може да се надигруваме и против која ќе се бориме за место во главната рунда.

Третиот противник ќе биде победникот на ИХФ трофејот во Костарика што ќе се одржи од 7 до 11 март, а таму ќе играат Грузија, Гвадалупе, Никарагва, Нигерија и Тахити, а против кој и да биде од овие селекции противник, не би требало да имаме никакви проблеми.

Пласман во главната рунда ќе обезбедат првата и втората селекција во групата, а ќе вкрстат со двете најдобри од групата Е каде се Данска, Мексико, Чиле и Австрија.

Светско првенство, кадети, Хрватска:

група А (Вараждин): Португалија, Хрватска, Алжир, Руанда
група Б (Вараждин): Унгарија, Нов Зеланд, Мароко, Словенија
група Ц (Копривница): Египет, Чешка, Јапонија, Исланд
група Д (Копривница): Шпанија, Бахреин, Бразил, Јужна Кореја
група Е (Ријека): Данска, Мексико, Чиле, Австрија
група Ф (Ријека): Норвешка, победник ИХФ трофеј, Македонија, Црна Гора
група Г (Опатија): Германија, САД, Саудиска Арабија, Аргентина
група Х (Опатија): Шведска, Бурунди, Иран, Фарски Острови

Мундијалот ќе се игра во Вараждин, Копривница, Ријека и Опатија од 2 до 13 август.