Кадетите беа немоќни против брзата Данска

Машката кадетска репрезентација на Македонија на стартот од главната фаза на Светското првенство во Хрватска беше поразена од Данска со 37:30.

Со победата над Македонија, Данска веќе обезбеди пласман во четвртфиналето на кадетскиот Мундијал, бидејќи на свое конто сега има 4 бода. Македонија утре ја очекува дуел против Австрија.

Откако Македонија водеше со 1:0, односно 2:1, следуваше серија од 3:0 на Данска, која направи пресврт, поведе со 4:2 и до крајот на натпреварот беше во константна предност.

Македонските кадети се обидуваа да фатат приклучок и барем резултатски да се доближат, но нивните врсници од Данска не се опуштаја премногу и денешната задача ја завршија во првото полувреме.

Данска во 10-та минута имаше 8:4, потоа дојде до плус шест, 11:5, и како одминуваше времето ја зголемуваше предноста во своја корист. На моменти, предноста на Данска беше седум до осум гола разлика, додека на полувреме резултатот гласеше 18:12.

Македонија за само неколку минути во вториот дел ја стопи предноста на Данска, постигна неколку погодоци на празна мрежа и се доближи на 20:17. По налетот на Македонија, дојде до консолидирање во редовите на Данска, па така во 40-та минута нејзината предност беше 25:19.

Ракометарите на Стојановиќ не се откажуваа од намерата да дојдат до помала негатива и за момент намалија на 29:25, имаа напад и за минус три гола разлика, но ракометарите на Данска ги казнуваа грешките на Македонија и во 50-та минута повторно дојдоа на разликата од првиот дел, поведоа со 31:25.

Во последните десет минути дојде до мал пад во играта на Данска и грешките во нападот на брзите скандинавци беа искористени од страна на нашата репрезентација. Македонија на седум минути пред крајот конечно реализираше за минус три, 31:28, но противникот со два гола во низа се одлепи на 33:28 и до крајот ја чуваше стекнатата предност.

Најефикасни во Македонија со по шест погодоци беа Дамјан Митев и Давид Димевски. Кај Данска прво име беше Тобиас Томбак со седум реализации.

Следете не на нашите социјални мрежи, на Facebook, и бидете дел од Viber заедницата на 24Ракомет – добивајте ги сите информации веднаш на вашиот телефон!