И Црногорците сакаат на СП, ќе аплицираат за вајлд-карта

Откако беше донесена одлука за поништување на баражите за пласман на Светското првенство во Египет во 2021 година, многу земји останаа разочарани особено оние кои гледаа шанса за да се пласираат на натпреварувањето со оглед на тоа што имаа ривали со кои можеа да се надигруваат.

Покрај Македонија, апликација ќе има и од страна на Ракометната федерација на Црна Гора, а тоа го потврди и претседателот на федерацијата, Петар Каписода.

„Доколку ни се укаже можност да аплицираме за вајлд-карта тоа и ќе го направиме. После ова сè ќе биде в раце на ИХФ. Би била голема работа да добиеме покана бидејќи за нашата репрезентација, која допрва треба да го покаже потенцијалот, од огромно значење е да има континуитет на учества на големите натпреварувања. Тешко ни падна откажувањето на баражот на сите, но во прашање е виша сила“, коментира Каписода.

Црна Гора во баражот требаше да игра против селекцијата на Чешка. На последното Европско првенство одиграно во јануари го освои 18. место. Македонија која исто така ќе аплицира за вајлд-карта на тој шампионот заврши на 15. позиција.