ИХФ потврди: Металари и Николовски ќе судат на СП во Хрватска

По Славе Николов и Ѓорѓи Начевски, Даниело Божиновски и Виктор Начевски, Македонија е на добар пат да ја добие и третата судиска двојка со ИХФ значка.

Како што најави 24Ракомет, Исмаил Металари и Ненад Николовски ќе бидат дел од претстојното Светско првенство за кадети што ќе се игра во Хрватска и ќе полагаат за ИХФ значка заедно со уште три други двојки.

Двајцата добија номинација од страна на Светската ракометна федерација, а нашата федерација ги потврди како кандидати за полагање. Денеска ИХФ и официјално објави дека Металари и Николовски се наоѓаат на списокот.

Доколку го потврдат својот квалитет во Хрватска, тогаш во иднина ќе може да судат и на Мундијали во сите конкуренции, како и на Олимписки игри. Тие долго имаат ЕХФ значка и судат во сите европски купови, а годинава добија многу делегирања и во Лигата на шампионите во женска конкуренција.

Оваа сезона покрај многуте суперлигашки средби на домашна сцена, ја делеа правдата на финалето на Купот на Македонија меѓу Вардар и Еурофарм Пелистер што се играше во Охрид.

Македонија може да добие и трета судиска двојка со ИХФ значка