Искусно десно крило стана соиграч на Ѓорѓиевска во Подравка

Екипата на Подравка има многу проблеми на десната крилна позиција на почетоткот на сезоната. Како резултат на тоа Подравка ја ангажираше Анета Бенко како најново засилување на тимот со договор до крајот на сезоната 2019/20.

Откако се повредија двете десни крила Николина Задравец и младата Јосипа Јосиповиќ едниствена опција на десната крилна позиција во Подравка остана Ани Турк. Сега друштво ќе и прави 34-годишната загрепчанка која е висока 174 сантиметри и има богато ракометно искуство. Новата колешка на Елена Ѓорѓиевска го коментираше приклучувањето во клубот.

„Драго ми е што дојдов во Подравка. Мислам дека за секоја девојка која тренира ракомет сон е да игра за таков голем клуб. Еве јас својот сон го остварив и се надевам дека ќе им помогна на девојките во европските натпревари“, изјави Бенко по потпишување на договорот.

До сега во својата кариера Бенко има настапувано за Локомотива, Зајечар, Крим и Кишварда. Таа има одиграно дури 14 сезони во европските купови, од кои пет во Лигата на шампиони со три клуба. Бенко има настапувано и за репрезентацијата на Хрватска, а во неколку наврати ја има носено и капитенската лента.