ИНТЕРВЈУ ТАТЈАНА ХМИРОВА: Реков ќе играм секаде, само НЕ во Македонија, а потоа дојдов во ЖРК Вардар и станав македонска снаа

Дел од руската колонија во „црвено-црните“ редови, поточно во шампионскиот тим на ЖРК Вардар беше и поранешната руска репрезентативка Татјана Хмирова. Десниот бек, кој пет години испишуваше историја со ЖРК Вардар, со кој стигна до три бронзени и две сребрени медали на Ф4 во Будимпешта во Лигата на шампионите, но не успеaја да седнат на кровот на Европа.

Три години подоцна за популарната Тата, исто како и за нејзините екс-соиграчи Ина Суслина и Ања Алтхаус, Скопје е втор дом. Причината е едноставна, Хмирова се заљуби и стана македонска снаа. Но, не само тоа. Во македонската престолнина и натаму се нејзините најдобри другарки, Суслина и Ирина Дибирова, со која е заедно од нејзиното деби во националниот тим.

Таа направи пауза од година дена од ракометот, а во нејзиното второ интервју во последниве пет години ги објаснува причините за таквата одлука, се наврати на убавите денови во ЖРК Вардар, на тоа каде се гледа себе во иднина, но призна и дека со трансферот во Скопје си погазила едно свое ветување.

„Седум години не живеам веќе во Русија. Пет години бев во Вардар и се навикнав на животот во Македонија, а во тоа време веќе бев во сериозна врска со сегашниот сопруг и планот беше да останеме заедно. Има интересна приказна за тоа. На 18. години со репрезентацијата на Русија првпат дојдов во Македонија, игравме на Европско првенство во 2008 година. Прво бевме во Охрид, но од тој град на многу малку работи паметев, а потоа дојдовме во Скопје. Бевме сместени во хотелот ’Континентал’ (кој тогаш не беше реновиран) и до сала нè носеа преку ’Пластичарска улица’ и тоа ми беше единствената слика која ја имав за Скопје, со оглед на тоа дека не се движевме подалеку од хотел. Кога се вратив дома, во Русија, на моите родители им реков дека ако играм некогаш во Европа, тоа ќе биде секаде само НЕ во Македонија. А јас првиот странски трансфер го имав во ЖРК Вардар. Првите три години тоа ни беше како некоја интерна шега со мајка ми. На секое гледање или слушање ме потсетуваше на она што сум го кажала. А потоа станав и македонска снаа“, се смее и раскажува Татјана Хмирова уште на почетокот на разговорот.

Официјално македонска снаа Хмирова стана пред година дена, во периодот кога правеше и пауза од ракометот.

„По крајот на Вардар, Македонија беше веќе мојот втор дом, но одиграв две сезони во унгарски Шиофок, пред да се одлучам да направам пауза. Бев изморена, презаситена, немав нормален живот и се ми се вртеше околу ракометот. Почувствував желба и потреба за промена. Сакав да се одморам и да видам дали сакам и понатаму да играм ракомет. Неколку месеци воопшто не тренирав и бев комплетно надвор од ракомет. Тогаш се случи и свадбата, која беше скромна, но така сакавме ние. Си дозволив да пробам нови работи. Во тој период ми се јави еден менаџер се интересираше каде сум и што правам, дали тренирам и дали сакам да најдам нов ангажман. Прво го одбив, затоа што тој период не размислував за ракомет. Но постепено почна да ми недостасува ракометот и се консултирав со сопругот, родителите, другарките и одлучив да се вратам.“

РАКОМЕТАРКА, КОЈА Е САМА НА СЕБЕ ФРИЗЕРКА

Уште еден интересен момент од периодот кога паузираше од ракомет за Хмирова (која патем има завршено и правен факултет) е дека заврши и курс за фризерки. Вели дека се обидувала да се пронајде надвор од спортот.

„Имаше еден период кога навистина се досадував и решив да пробам нешто ново. Со оглед на тоа дека многу рано почнав да експериментирам со боите на косата и целиот тој процес ми беше интересен се одлучив за курс за фризерка. Интересно искуство и сега знам каков е целиот процес и дека треба да се знае и хемија, постојат техники, не е само механичко ставање боја на коса. Сега сум си сама на себе стилист во Шпанија, имам сет со ножици и се потстижувам сама. Сепак кога станува збор за бојадисување на коса одам во салон за тоа“, се смее Хмирова и додава „Немам никој потстрижено освен себе, ниту Ина и Ира, ми беше страв.“

ТЕНЕРИФЕ БЕШЕ НАЈУПОРЕН И НАЈОДГОВОРЕН

По Македонија (ЖРК Вардар) и Унгарија (Шиофок), Шпанија е третата интернационална дестинација за Русинката, поточно Тенерифе, клуб за кој вели дека бил најупорен и најодговорен во процесот на преговори.

„Имав неколку понуди, но со оглед на пандемијата Тенерифе како клуб беше најупорен и најодговорен во целиот процес на преговорите и затоа ја прифатив нивната понуда. Исто така интересно беше за мене да играм во Шпанија, затоа што имав неколку шпански тренери и соиграчи, па сакав да видам како е таму. Малку ми е тешко затоа што не го знам јазикот, а инаку интересно е, друг начин на функционирање, друг менталитет… Се адаптирав на средината, убаво сум прифатена и во моментов најважно ми е да се вратам на она високо ниво на кое знам дека можам да играм, а за понатаму ќе видиме.“

Се враќаме наназад, но зошто по ЖРК Вардар го одбра Шиофок, тоа беше најдоброто за тебе во тој момент?

„Шиофок беше клуб од кој добив најдобра понуда во тоа време. А, и не заминав сама, и Андреа Пенезиќ беше со мене. Таа сезона клубот славеше јубилеј од десет години и имаа интересен проект, правеа квалитетна екипа, со високи амбиции и некако се пронајдов во целата приказна, па затоа и заминав таму.“

СУСЛИНА ИНСИСТИРАШЕ ДА ДОЈДАМ ВО ВАРДАР

Хмирова сама најави дека првото доаѓање во Македонија и е со репрезентацијата на Русија на ЕП во 2008 година, за потоа во 2013 во ЖРК Вардар да го има и интернационалното деби во својата кариера. Претходно беше играч на нејзиниот матичен клуб Динамо Волгоград, но по инсистирање на нејзината репрезентативна колешка Ина Суслина ја напушта комфорната зона и доаѓа во Скопје.

„Ина (Суслина) беше иницијатор. Таа прва дојде во ЖРК Вардар и преку менаџер стигна понуда која многу ми се допаѓаше и ја прифатив. Во тоа време и почувствував потреба и желба за промена во кариерата. Претходно играв само во Динамо. Понудата од Вардар како да дојде во вистинско време, а и Ина веќе беше во Скопје, па си реков зошто да не се обидам? Потоа дојдоа и Ира и Тимур, и одново бевме сите заедно.“

 

Адаптацијата во Македонија не била лесна.

„На почетокот  ми беше тешко во Скопје, не го разбирав јазикот, не го знаев менталитетот. Но потоа полека почнав да го запознавам градот, луѓето и земјата и добив поинакво мислење (се смее). Бев и презадоволна од условите кои ги имавме во клубот. ЖРК Вардар ќе го паметам само по добри работи, клуб каде играв со врвни играчи и имав врвни тренери.“

ПРЕСТАНАВ ДА ГИ БАРАМ ПРИЧИНИТЕ ЗОШТО НЕ ЈА ОСВOИВМЕ ЛШ

Тата вели дека во ЖРК Вардар минала пет фантастични години, но и по сето поминато време не може да ги најде причините зошто на петте Ф4 турнири во Будимпешта, екипата не успеја да дојде до титулата во Лигата на шампионите.

„Не ме прашувај тоа! Немам одговор! Помина толку многу време, сите сме сега распрскани на сите страни низ Европа. Верувам секоја од нас се обидуваше да ја најде причината, сигурно секоја има и различни причини, но мислам дека веќе е доцна за тоа. Ако останевме заедно како клуб можевме да би бараме причините, вака е бесцелно. Многу ми е жал и што згасна таа шампионска екипа, жалам и за финалето во Будимпешта. Тие два моменти ми се најтешките во кариерата. Кога ни кажаа дека клубот згаснува и кога го загубивме финалето. Интересното е што до крај верував дека ќе се случи некое чудо. И не бев само јас со таков став. Сите ракометарки имаа надеж дека нешто ќе се случи, дека нема да биде тоа крај. Потоа некако сите се помиривме. Имавме доволно време, а и до крајот на сезоната веќе сите имавме и договори со нови клубови. Секако сакавме да се збогуваме со титула. Секоја една од нас, тоа ни беше последната желба и затоа и беше толку болно во Будимпешта, останавме без совршен крај“

КАДЕ И ДА ИГРАМ, НИКАДЕ НЕМА ДА ИМА НАВИВАЧИ КАКО ВО СКОПЈЕ

Ако нешто е силно врежано во меморијата на Хмирова тоа е атмосферата во „Јане Сандански“ и поддршката која вардарки ја имаа кога играа дома.

„Атмосферата во ’Јане Сандански’, тоа нема да го заборавам никогаш. Ги имавме најдобрите навивачи на светот! Кога игравме дома, тие полни трибини, таа поддршка и навивање каква сила, енергија, мотивација даваа… Уф, уште ми поминуваат морници кога ќе се потсетам на тоа. Она чувство што значи да играш дома. Вистина е дека и во Унгарија имавме навивачи, но не беше исто. И мислам дека нема да биде исто без разлика каде и да играм на друго место“, децидна е Русинката.

ПАРОНДО – ОМИЛЕН ТРЕНЕР!

Во ЖРК Вардар за пет години се сменија многу стратези, а Роберто Гарсија Парондо е омилен тренерски лик за Хмирова.

„Со сите тренери со кои сум работела, освен Расмусен кого го пропуштив поради повредата, биле интересни на свој начин. Сите беа од различни држави и со различни погледи кон ракометот, посебни филозофии и размислувања… Парондо ми беше најомилен тренер. Беше многу позитивен, опуштен и даваше такво чувство кај нас. Се трудеше да ни помогне на сите, беше пријатен и имаше добар однос кон сите. Нè учеше интересен ракомет и на тренинзите не беше никогаш лесно и многу бараше од нас, но истовремено беше и интересно.“

НЕ ВЕРУВАВ ДЕКА МОЖАМ ДА БИДАМ ТРЕНЕР, АМА СЕ ПРЕМИСЛИВ

За време на одморот од ракомет, Хмирова имаше е едно тренерско искуство, по покана на Ања Алтхаус, која тогаш работеше во женскиот клуб „Спартак“. Тата никогаш не се гледала себе си како тренер, по завршувањето на кариерата, но еден тренинг бил доволен да го смени нејзиното мислење.

„Родителите, но и пријателите сметаат дека треба да продолжам да работам како тренер по завршувањето на кариерата или барем да се обидам. Јас мислев дека нема да имам трпение за тоа. Дека нема да издржам да работам како тренер, дека ќе се нервирам, едноставно не верував дека го можам тоа. Тогаш Ања ме викна на еден тренинг во Спартак, по кој го сменив мислењето. Уживав, девојките навистина ме слушаа и многу бев среќна кога успешно ќе одработеа нешто што ќе им покажев. Некаде во главата ми остана дека кога ќе завршам со играчка кариера можам да бидам и тренер, но ќе видиме.“

ИДОЛИТЕ МИ СТАНАА НАЈДОБРИ ДРУГАРКИ

Европското првенство кое во моментов се игра во Данска, Татјана Хмирова го следи пред малите екрани со оглед на тоа дека некаде од 2013 – 2014 година не е повеќе дел од националниот тим на Русија. Не сакаше да навлегува во детали зошто е тоа така, иако може да се пофали со еден бронзен медал од ЕП 2008 и злато од СП 2009. Она што го потенцираше е дека во репрезентацијата ги нашла своите најдобри другарки – Ина Сислина и Ирина Дибирова.

„Не сакам да зборувам за тоа зошто не сум во репрезентацијата. Сплет на околности, најверојатно. Ми беше тешко на почетокот, но потоа се навикнав. Она што ќе ми остане се моите најдобри пријателки – Ина Суслина и Ирина Дибирова. Кога дебитирав во репрезентација сите за мене беа ѕвезди и играчишта. Идоли кои ги гледав на клупа во Динамо. Тогаш немаше социјални мрежи и не беше лесно како денеска да се комуницира со нив. Тогаш делуваа недопирливи. Јас бев дете за сите нив, кое одеднаш се најде во репрезентацијата. Тие се по 11 години постари од мене, учев и растев со нив. Ме зедоа под свое, ако можам така да кажам, уште во селекцијата и ете и денеска сме најдобри другарки. Од Ира многу учев, таа беше паметен и интересен играч – бек како мене.“

ФОРМАТА Е ПРИОРИТЕТ

Она што е сигурно во моментов за Хмирова е дека е играч на Тенерифе до крајот на сезонава, а дури тогаш, на лето, кога ќе и завршат клупските ангажмани планира да се врати во Македонија. Приоритет и е да се врати во играчка форма, а се друго е неизвесно, исто како и ова лудо време на пандемија.

„Ќе видиме како ќе биде. Во моментов немам понуди, а и рано е, најчесто во јануари почнуваат трансферите. Ниту јас не барам ништо во моментов. Најважното сега е да влезам во форма и дека ќе продолжам да играм, каде ќе видиме, се зависи од опциите кои ќе ги имам“, завршува Хмирова.