Унгарската ракометна федерација го назначи Ласло Шотоњи за нов селектор на машката сениорска репрезентација. Искусниот стратег потпиша тригодишен договор, а на новата функција доаѓа само неколку дена по освојувањето на титулата европски шампион со младинската селекција на Унгарија на EП во Романија.
Шотоњи го наследува Чема Родригез, кој ја предводеше Унгарија од 2022 до 2026 година. Неговиот мандат заврши по елиминацијата од Србија во баражот за пласман на Светското првенство 2027, со што Унгарците останаа без настап на светскиот шампионат. Сепак, Родригез зад себе остави две четвртфиналиња на Светските првенства во 2023 и 2025 година.
Новиот селектор пристигнува на функцијата по најголемиот успех во својата тренерска кариера. Пред само една недела ја предводеше младинската репрезентација на Унгарија до европската титула, а освои и сребро на СП за младинци во 2023 година.
Како ракометар, Шотоњи остави длабока трага во унгарскиот ракомет. За националниот тим одигра 190 натпревари и постигна 518 голови, а со Веспрем освои пет шампионски титули и четири Купа на Унгарија. Во тренерската кариера работеше во Наѓкањижа, Сазаломбата, Фехервар, Балатонфуред и Чурго, а веќе еднаш беше селектор на Унгарија во периодот од 2014 до 2016 година.
„За еден тренер ова е врвот на професијата. Сонував еден ден да ја добијам оваа можност и сега тој сон стана реалност. Свесен сум за предизвиците што нè очекуваат, но верувам дека досегашното искуство ќе ми помогне да ги надминеме. Имам јасна визија за тоа како сакам да работи репрезентацијата“, изјави Шотоњи.
Тој најави дека во наредниот период ќе се фокусира на детална анализа на националниот тим и на воспоставување блиска соработка со клубовите, со цел подобро следење на формата и развојот на репрезентативците.
Унгарија го пропушта Мундијалот во Германија, па следен предизвик ќе бидат квалификациите за ЕП 2028.

























