ИНТЕРВЈУ ЗЛАТКО ХОРВАТ: Бајката немаше среќен крај во Загреб, но може да има во Металург!

Хрватскиот репрезентативец Златко Хорват, кој 18 години беше синоним за Загреб, летово ги шокираше сите со одлуката дека заминува од својот матичен клуб и дека оваа сезона ќе биде ракометар на Металург. Едно од најдобрите десни крила во светот на 36-години се одлучи за премиерен интернационален потег во кариерата, која реално е на залезот.

И Хорват го прифаќа тоа, свесен е дека ги троши последните години, но истовремено си дава уште малку време и простор да биде со неговата најголема и единствена љубов – ракометот. Како ученик се пробал и во фудбал и кошарка, а ги сака сите спортови со топка, но ракометот за него е број еден.

На теренот е сталожен (научил како да ги контролира емоциите кои му одземале премногу енергија) и фер-плеј играч, но длабоко во себе е авантуриста, кој на зима сака да скија (иако тоа го прави многу малку со оглед на професионалните ангажмани), а на лето негова страст е кајт сурфање, кое го практикува години наназад.

Веќе размислува за тоа каде се гледа откако ќе стави крај на кариерата. Секако, сака да остане во ракометот, во Загреб (вели дека таков е планот и договорот). Во таа насока веќе и работи – се вратил на факултет (има завршено само една година, а пет паузирал од приватни и професионални причини), почнува да мисли на тренерска лиценца, вели: „работам на себе“… Иако би било совршено бајката да ја заврши таму каде што ја почнал, во Загреб, постојат сериозни шанси Македонија да биде местото каде играчки ќе се одјави.

„Од денешна гледна точка, одново без двоумење би ја прифатил понудата на Металург, одлично се најдов во средината! Имам договор на една сезона, но секако дека има шанса да останам тука. Ако се биде во ред, ако се најдеме и ако се договориме со Металург, секако дека постои можност за продолжување на соработката. Факт е дека многу малку луѓе знаеја дека сакам да заминам или дека ќе заминам од Загреб, па така беше и со Металург. Со појавата на пандемијата општо беше тешко да се најде клуб. Но, Металург се обиде, беше најконкретен во понудата и на крај ме доби за нивни играч. Чувствувам дека сум на залез на кариерата и размислувам за крај – секако дека е можно да се случи во Македонија. За сега навистина добро се чувствувам, играм 60 минути, не чувствувам преголем напор. Тоа е една добра работа во целава корона – приказна, за нас постарите, успеавме да се одмориме (се смее). Се надевам дека сè ќе биде добро, дека ќе избегнам поголеми повреди и дека ќе одиграм уште една сезона“ – потенцира Златко Хорват.

Целата своја кариера популарниот Злаја ја мина во Загреб и ги преживеа сите подеми и падови, промени на тренери, на спонзори, гордо ја носеше капитенската лента. Кога го прашав со што толку го задолжи Загреб или пак со што го разочара за да замине по скоро две децении, крилото објасни дека почувствувал потреба за промена.

„Во Загреб сум дома. Сите мои настапи и игри во репрезентацијата еден дел беа заслуга на Загреб. Клубот секогаш имал коректен однос кон мене, сè што сум побарал, сум добил и поради тоа немаше причини за да не останам, а искрено не ни сакав да одам. Беше тоа еден прекрасен меѓусебен однос, добра приказна во која и јас многу му дадов на Загреб, а и тој на мене. Требаше да се појави некоја топ, топ понуда, која на крајот никогаш и не се случи, за јас да си заминам. Може останува жал дека не ја завршив и кариерата таму, односно бајката да добие среќен крај… Посакав некаква промена! И претходно го имав тоа чувство и потреба за промена, но така е тоа во ракометот, не е секогаш лесно да го најдеш она што ти треба. Секако и порано сакав да заминам, но едноставно не се случи. Можев да останам во Загреб ако сакав, но ова беше последен воз за мене да се пробам како интернационалец и не жалам за тоа. Сакав да видам како е на некое друго место, а Скопје е град кој е многу сличен на Загреб. Немаше некој потежок период за адаптација и за мене и за семејството и тука беше полесно да дојдам и да направам некоја промена на средината во однос на Загреб отколку во Франција, Германија или не знам каде на друго место.“

ДАЈТЕ МУ ВРЕМЕ НА МЕТАЛУРГ

Тимот од Автокоманда е единствениот македонски клуб кој се обидел (и успеал) во тоа да го добие Златко Хорват за играч. Металург летово креираше интересен тим, кој предводен од Зоран Кастратовиќ имаше одличен старт на сезоната, ги мина двете квалификациски кола и влезе во групната фаза од Европската лига, но последниве месец дена не им „цветаат рози“. Ги „нападна“ ковид-19, па заминувањето на Кастратовиќ, проблеми со сертификатите, претседателката призна дека имаат финансиски проблеми… Почнуваат ли да се чувствуваат проблемите кои Металург ги имаше и претходно?

„Се чувствува, тоа е таква историја. И во Загреб бев во такви ситуации и иако му требаше многу време сега мислам дека клубот успеа да ги исчисти сите стари долгови. Верувам дека така е и со Металург. Ќе му треба време за да ги подмири долговите, а плус работи да ја одржи екипата оваа и следната сезона на завидно ниво и ако на сето тоа се додаде и короната, тогаш не е лесно во никој случај. Мора да му се даде време на Металург. Секако дека се чувствува некоја тензија, но сите се надеваме дека тоа ќе се стабилизира“, дециден е Хорват и продолжува: „Што се однесува до другиот дел навистина добро тргна сезоната, се пласиравме во посакуваната групна фаза од Европска лига. Кога ги елиминиравме Швајцарците во второто коло си докажавме дека можеме некои работи да направиме и во групната фаза. Потоа Тулуз, каде бевме без Мартин Серафимов, ја загубивме таа ротација на бековска позиција и ни се случи првиот пораз. Коронавирусот, не остави двe недели без вистински тренинг и тоа беше едноставно пресилен удар за нас. Згора на тоа и заминувањето на Кастратовиќ. Едноставно се ни се поремети. Не беше лесно да се вратиме во колосек. Ни недостасуваше и време и тренинзи за да бидеме подготвени за Леон, ако имавме некој ден повеќе, некој натпревар во меѓувреме мислам дека резултатот од тој меч со Леон ќе беше многу подобар.“

Патувањето до Леон беше најдолго со автобус во твојата кариера?

„Да, вистина е дека е така. (се смее) Факт е дека ние одлучивме дека ќе патуваме, се согласивме со тоа и нема назад. Секако и тоа си имаше свое влијание врз играта.“

Младите играчи во Металург гледаат на Златко Хорват како легенда од која може да научат нешто или не?

„Мене ми е најважно да ги придобијам со својот однос, пристапот и работата на тренинг и на натпревар. Доколку се поставам како пример тие единствено така можат да ме послушаат и да научат од мене. Не можам да зборувам, а да не го давам тоа на теренот, не оди. Има многу добри млади играчи на кои им помагам колку можам и колку знам. Нормално на нив останува дали ќе научат од мене, колку што јас учев од постарите ракометари кога бев како нив.“

Природна позиција на Хорват е десно крило, но во последниве неколку години многу често можеме да те видиме и како бек.

„Добро се снаоѓам и на бековска позиција, колку што е тоа можно со мојата висина. (се смее). Ми се допаѓа да играм како бек, имам повеќе контакти со топката, повеќе одработувам за другите и така се чувствувам попродуктивен. На крило, се знае, мојата е последна, завршна или може да се случи некој цепелин.“

СЕЗОНА КОЈА Е ТЕШКО ДА СЕ ПРОГНОЗИРА

Една од целите на Металург, оние за домашната сцена е да им се „замрсат сметките“ на Вардар и Еурофарм Пелистер, но во ваква пандемична сезона, крилото смета дека е тешко било што да се прогнозира или да се мисли.

„Верувам дека со текот на времето ќе добиеме и рутина и кохезија и дека ќе бидеме конкурентни и во Европа и во Суперлигата, каде ќе пробаме да им ги замрсиме сметките на Вардар и Еурофарм. Морам да признаам дека со оглед на целата ситуација тешко е воопшто оваа сезона да се прогнозира. Пандемијата, сите прекини и паузи во сезоната, долгите патувања, одложени натпревари, па потоа збиен календар… Те умртвува сето тоа, те исфрла од ритам, а штом излезеш од ритам тоа е голем проблем, како што се покажа за нас сега против Леон. Металург можеби е во малку подобра ситуација бидејќи игра Суперлига отколку Вардар и Еурофарм, но тоа не е некоја предност. Навистина не знам колку брзо ќе се одигра сезонава, ќе видиме што времето ќе донесе, но мислам дека од февруари сите ќе тргнеме од исто. Нема да има голема разлика или поголема предност за некого… Најважно е да завршиме сите здрави и да не дојде во некои повреди поради ваквите прекини и паузи во сезоната. Мислам дека за нас кои сме во ракометот ќе беше уште потешко и уште полошо ако не се играше. Вака е подобро отколку никако. Ќе го пребродиме и ова и мора што побрзо да се адаптираме.“

ВО СКОПЈЕ СУМ НАУЧЕН НА ПЕКОЛ, ЧУДНО Е ДА СЕ ИГРА ПРЕД ПРАЗНИ ТРИБИНИ

Во последнава деценија Златко најмалку двапати во сезоната гостувал во Скопје (затоа и не му е тешко да се адаптира на нашата престолнина). Но, тој е навикнат на едно Скопје кое живее за ракометот, на полни трибини и пеколна атмосфера за игра. Сега се му е чудно и пусто.

„Чудно ми е да играм пред празни трибини. Скопје го знам со пеколна ракометна атмосфера, со луѓе кои ’висат’ на гелендери во ’Автокоманда’, со полн ’Јане Сандански’, па и ’Борис Трајковски’ го паметам, сме играле и таму пред полни трибини. Се случувало да биде празно на некој СЕХА меч, но и тогаш не било како сега, имало доволно публика за да направи амбиент. Се надевам дека оваа пандемија ќе помине брзо, ни недостасуваат навивачите. Таа атмосфера која те носи кога играш, а и верувам дека плеј-офот ќе биде и тоа како интересен и ако не пред полни трибини барем половина капацитет да биде исполнет за да може взаемно да уживаме со навивачите“, носталгично вели Хорват.

ЗАГРЕБ ТРЕБАШЕ ДА ГО ПОБЕДИ ВАРДАР ВО СЕХА ПОЛУФИНАЛЕТО

Хорват иако е посветен на Металург будно следи што се случува и со Загреб сезонава. Клубот нема победа во Лигата на шампионите сезонава, а крилото смета дека тоа не е поради лошата игра, туку дека и тие се соочуваат со истите (корона) проблеми како и сите.

„Го следам Загреб секако, и тие се во истите проблеми како сите. Пак имаа смена на тренер, потоа две недели беа во изолација, не играат толку лошо, одиграа неколку добри натпревари, но некогаш им фалеше и среќа. На пример, полуфиналето со Вардар на СЕХА Ф4 требаше да го добијат. Имаа контрола над резултатот, но крај пресуди искуството кај некои вардарови ракометари и она вардаровото ’никогаш не вели никогаш’. Но, со оглед на целата ситуација и на проблемите кои Загреб ги има не е ни чудо што имаат таква сезона досега.“

СЕХА ТРОФЕЈОТ ВО СКОПЈЕ МИ Е НАЈДРАГ, ЕВРОПСКА ТИТУЛА СО ЗАГРЕБ – НЕОСТВАРЕН ДЕТСКИ СОН

Хрватот не може да се пофали со титула во Лигата на шампионите, па поради тоа како омилен трофеј го издвојува освојувањето на СЕХА лигата во Скопје во втората сезона, кога во финалето го победи Вардар.

„СЕХА титулата со Загреб во Скопје, таа ми е најдрага. Таа сезона и Металург и Вардар беа посилни од нас, тие се соочија во полуфинале, а потоа ние го победивме Вардар во финалето во ’Борис Трајковски’, а да се победи Вардар во Скопје воопшто не е лесно. Титула во Лигата на шампиони, тоа ќе ми остане како недостаток. Имав некој детски сон да ја освојам Лигата на шампионите со Загреб. Имавме и неколку шанси, бевме близу се создаваше добра екипа на која и требаше уште година – две да остане заедно. Немавме ни среќа, трипати во четвртфинале бевме елиминирани од екипа која потоа и ја освои титулата.“

Покрај омилените моменти во кариерата морав да прашам дали има потег за кој се кае, а тој потенцира дека тоа е најгорчлив спомен.

„Немам потег за кој се каам, ама најгорчлив момент во кариерата ми е промашениот пенал против Норвешка на СП. По тоа ме знае цела нација. (се смее) На крајот тоа ми излезе добар ПР, по тоа станав многу популарен.“

МОЖЕБИ ПО ЛОИ ТОКИО ЌЕ СЕ ПРОСТАМ СО РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА

Покрај титула во Лигата на шампионите, уште една работа која му недостасува на Хорват е злато со репрезентацијата на Хрватска. Има осум медали на големите натпреварувања, но уште го чека она најсјајното. Последната ЕХФ недела ја пропушти (во договор со селекторот), но ќе се стави на располагање за претстојното Светско првенство. Постои можност Олимписките игри во Токио да бидат сцената од која ќе си замине и од националниот тим.

„Последната ЕХФ недела ја пропуштив затоа што имав договор со селекторот да не одам на таа акција. Потоа се случи и корона карантинот во Металург. Но веќе во декември кога ќе почнат подготовки за СП ќе бидам на располагање. На последното ЕП ни недостасуваше малку среќа за да дојдеме до златото, но тоа е. Не знам дали СП во Египет ќе смени нешто за нас. Не знам како ќе изгледа тоа, организацијата, ќе биде ли по некој НБА принцип, што ќе се случи ако во некој тим има позитивен случај на корона? Не знам како ќе биде, но ако сме сите здрави верувам дека можеме да се бориме за медал.“

Дали по СП ќе кажеш збогум на репрезентацијата?

„Не знам, ќе видиме. Со оглед на тоа дека 2021 по ново ќе биде олимписка година, ако биде се ОК и ако се пласираме на Олимпијада, и ако се одржат ЛОИ во Токио, по нив може ќе ставам крај. Но, има многу ако и многу време. Дотогаш не можам ништо да кажам.“