ИНТЕРВЈУ АНЖЕЛА ПЛАТОН: Ѕвездите не прават тим, затоа ЖРК Вардар не го достигна успехот на Кометал

Поранешната македонската репрезентативка, која е дел од златната генерација на Кометал Ѓорче Петров, Анжела Платон, на големо задоволство на 24ракомет, се согласи прв пат по 2015 година да даде интервју во кое ни дозволи, покрај ракометната, да ја запознаеме и од една друга страна.

Таа е една од „Кометалки“, која можеби најмалку се експонира во јавноста, а и покрај тоа што е корпулентна и нејзината играчка позиција беше пикер, приватно делува тивка и скромна. Остава делата да зборуваат за неа. По потекло од Молдавија, таа е натурализирана Македонка, која на 20 години доаѓа во нашата земја и тука го создава својот втор дом.

Со исклучок на првите пет години од кариерата, во следните две децении ќе игра во македонски клубови Прилеп, Партизан Кичево, Кометал Ѓ.П., Амбалажа Кабран, ќе биде и на дното, но ќе ги допре и височините, ќе се искачи на европскиот врв во 2002 година. Тогаш беше „Кометалка“, сега е „Вардарка“. Самата вели: Тоа е семејство, слоганот ни е „Еден живот, една љубов“, а ракометот е нејзината. Жртвувала многу и добила многу, а сега сето искуство им го предава на идните генерации, на нејзината кадетска екипа во ЖРК Вардар.

„Ние ’Кометалки’ се држиме уште една со друга. По крајот на кариерите продолживме приватно да се дружиме (најчесто на детски родендени), потоа со отворањето на ракометните школи договаравме меѓусебни пријателски натпревари. Индира (Кастратовиќ) прва влезе во Вардар и при создавањето на Академијата, таа беше иницијатор да нè донесе и нас. Претходно две години имав приватна ракометна школа „Ново Лисиче“ која ја формиравме заедно со Марија Аврамовска, и која сега е во мирување. Кога почнавме сите да работиме во Вардар, Сергеј (Самсоненко) беше многу наклонет кон нас и ни даде и слободен термин за тренинг еднаш во неделата во ’Јане Сандански’. Да бидам искрена повеќе беше пиење кафе отколку тренирање, но беше убаво, интересно и ми недостасува. Лани ветеранките од Гевгелија нè викнаа таму да игравме натпревар. Пред две години бевме во Велес, претходно во Прилеп на некоја хуманитарна акција за доизградба на црква. Навистина беше убаво да бидеме заедно повторно како екипа…“, носталгично се навраќа на убавите времиња Анжела Платон.

Но, таа веднаш направи и интересна паралела, односно го изнесе нејзиното мислење зошто ЖРК Вардар иако пет пати играше на Ф4 во Будимпешта не успеа да го достигне успехот на Кометал Ѓ.П. и да ја освои Лигата на шампионите.

„Професионално најдобрите години ги имам во Кометал. Врвот секако е 2002 година кога ја освоивме европската титула, а потоа и Супер купот. Тоа е сон за секој спортист, нешто поголемо од тоа нема во ракомет! И тоа тогаш не беше како сега, финален турнир, тогаш требаше да победиш и дома и на гости. Топката е округла, денеска може да не ти е ден. И не е секогаш само да собереш играчи, ѕвезди, како што беше случај со ЖРК Вардар. Таму немаше кохезија и единство во клубот. Пет години играа на Ф4, а не можеа да го освојат. Тоа е мое размислување, премногу ѕвезди, можеби секој сака да се покаже, секој тера на своја страна и им недостасуваше она што го имавме ние во Кометал. Обични, просечни играчи, кои сами се ’влечевме’ и се направивме ѕвезди. 11 години минав во клубот. Не бевме сите најдобри другарки, но на теренот гиневме една за друга. Затоа ѕвездите не прават тим. Тоа и денеска како тренер се обидувам да ги научам моите девојки, дека мора да се биде тим, затоа што залудно е ако една даде 10-15 гола, кога не сме играле како екипа и сме загубиле.“

НА „ТРЕТА СРЕЌА“ ЌЕ И ТРГНЕ ВО МАКЕДОНИЈА

Пред историјата со Кометал Ѓ.П., со македонскиот национален тим и сега тренерската кариера во ЖРК Вардар, со Анжела Платон се вративме на почетоците, во Молдавија, но и на фактот дека од третпат и успеало да направи кариера на овие простори.

„Во тоа време кај нас скаути беа тренерите од спортските школи кои одеа во обичните училишта и бараа таленти за сите спортови. На 12 години имав многу понуди и за кошарка и за атлетика (фрлање ѓуле) затоа што од секогаш сум била крупна. Ракометниот тренер ме привлече со неговата упорност, доаѓаше и на училиште, и дома за да разговара со родителите, да нè убеди дека има нешто во мене. Почнав да тренирам со четири – пет години повозрасни ракометарки од мене и на почетокот ми беше многу тешко да се адаптирам, но многу брзо се појави љубовта кон ракометот, се повеќе учев и сфаќав и напредував. На 15 години влегов во првиот тим, кој играше во првенството на Советски сојуз. Кога имав 17 години со екипата освоивме второ место во лигата, бевме вицешампиони, а јас тогаш добив титула ’Мастер-спорт’, за заслуги во спортот, кои се доделуваа во СССР. По распадот на Советски сојуз, со мојата молдавска екипа се натпреварувавме во романското првенство и во тој период станувам и молдавска репрезентативка. Во 1992 година, на 19 години, првпат дојдов во Македонија со репрезентација на Молдавија на турнир во Автокоманда, во организација на Уни Проком банка. Во тоа време веќе една молдавска репрезентативка Надја Ташчи, играше тука. Потоа неколку мои колешки од репрезентација и тренерот дојдоа во Прилеп, а во јануари 1994 година на нивна препорака потпишувам за Прилеп. Два месеци подоцна, на првиот официјален натпревар со Струга заработувам тешка повреда, скршеница на скочен зглоб. Имав две тешки операции за година дена (13 штрафови и шипка носев од април до ноември). Тогаш се случи и голема криза во клубот, три ракометарки кои дојдовме од странство буквално преживувавме се додека не успеав да се вратам дома. Загубив година дена, но одново добив понуда, овојпат од Партизан Кичево каде одиграв две сезони. Бев на проба во Наиса, во Ниш и требаше таму да продолжам, но тие четири-пет дена додека престојував таму ми се јавија од Кометал и ми рекоа да не потпишувам затоа што ќе ме земат кај нив. Многу се изненадив затоа што немаше никакви најави за таков трансфер, иако факт е дека во тој период Кичево беше тврд противник на Кометал.“

СО МАКЕДОНИЈА САКАВМЕ НА ОЛИМПИЈАДА

По влезот во Кометал, Платон добива понуда да стане македонска репрезентативка како и голем дел од нејзините клупски соиграчи. Таа прифаќа, од една страна затоа што е разочарана од односот на Молдавската федерација, а од друга затоа што гледа реална перспектива дека со Македонија може да заигра и на Олимпијада.

„Во јануари 1998 година добив македонско државјанство. Понудата ја прифатив затоа што од една страна бев разочарана од односот на Молдавската федерација. Кога се повредив и кога ми беше најтешко, никој не ме побара, не се понуди за помош или само да праша како сум, но затоа кога одиш како играч во странство беа тука да си наплатат обештетување за тоа колку години сум играла за репрезентација. Од друга страна кога добив понуда од Македонија, мислев дека со овој тим што го имавме, бидејќи повеќето од нас игравме и во Кометал, дека може нешто да направиме. Сон на секоја од нас беше да одиме на Олимпијада. Имавме и шанса, многу малку ни недостасуваше на ЕП во Романија, но еден натпревар реши сè. Навистина ми е жал, затоа што функциониравме како клуб-репрезентација. Но, да биде јасно иако женскиот ракомет секогаш беше пред машкиот, ние бевме помалку платени и со оглед на тоа дека сите игравме во Кометал ни беше кажано дека поради тоа немавме право да бараме повеќе“, се потсетува Платон.

„ЦЕВАК ДОБИ ПОДДРШКА, А ПОТОА СТАНА АРОГАНТЕН“

Еден момент и од Кометал Ѓ.П и од женска репрезентација во кој е потенцирана Анжела Платон, заедно со Валентина Радуловиќ, е дека кренаа глас против тогашниот тренер и селектор Љубомир Савевски – Цевак и ја иницираа неговата смена.

„Цевак дојде во 2007 година за СП во Франција, исто тогаш го превзема и Кометал, а ние со Вале бевме повозрасни играчи од кои тој бараше поддршка за да „опстане“. Не дека ние имавме некое големо влијание на младите, но тогаш уште постоеше некое почитување и некоја хиерархија. Едноставно ние му ја дадовме потребната помош и поддршка, а потоа кога се зацврсти и кога требаше да имаме некоја нормална соработка, тој стана арогантен. Постои разлика во работата меѓу мажи и жени. Било кој машки тренер да го прашате ќе ви каже дека не сака или дека е многу тешко да се работи, со жена треба да имаш осет и пристап, да бидеш психолог, тој момент е многу тежок. Тогаш имав веќе 34 години ги имав загубено двајцата родители. Конфликтот се случи на тренинг. Убаво се сеќавам дека и дадов некој совет на Бајрамовска за во напад и тој изреагира, која сум јас да и кажувам. Го прашав зошто да молчам и на таквото мое прашање одговори со пцовка, ја спомна мајка ми, болен момент. Јас на тоа јас му вратив со тивка пцовка, за која бев избркана од тренинг. Следниот ден со Радуловиќ имаше конфликт, повторно навреди. Бевме повикани од управата на клубот на разговор, во рок од неколку часа свикавме прес-конференција, ги објаснивме нашите причини и со тоа се заврши работата.“

Година дена подоцна Платон става и крај на кариерата, тивко, без посебни помпи.

„Кога завршив со Кометал се вработив и Кабран Амбалажа од Кавадарци ме замолија да им помогнам за настапите во Европа, Челинџ куп, ако не се лажам. Отидовме заедно со Вале. Беше само неколку месеци, трениравме еднаш во неделата, затоа што и работните обврски не дозволуваа повеќе. И тоа беше сè на ’стар багаж’. Нè држеше уште некоја свежина од Кометал, како и од настапот на СП во ракомет на плажа.“

МАСТЕР КОУЧ, СЕЛЕКТОР – ЗОШТО ДА НЕ!?

По повеќе од 25 години играчка кариера кога Платон се одлучила да се збогува со ракометот, прекинот бил драстичен. Се посветила на семејството, мајчинството, транзицијата од спортски во т.н нормален живот. Но, потоа одново му се враќа на ракометот, затоа што тоа е сè што знае.

„По 25 години и повредите кои ги имав, ми дојде преку глава од ракомет, не сакав ни да гледам, ни да знам нешто, презаситена бев. Ми требаше време, се вработив, родив дете и се обидував да влезам во некое нормално темпо на живот. Се до еден сплет на околности кога со Марија Аврамовска не ме врати на она што го правам цел живот – ракометот, со отворањето на школата. Во тој период се формираше и Здружение на ракометни тренери, тие почнаа со семинари, конференции и почнав да навлегувам и во тренерски води. Денеска ги имам завршено трите модули, ми останува уште Мастер Коуч дипломата.“

Анжела води кадетска екипа, која пред сега веќе две сезони беше и пионерски и кадетски првак, додека на незавршеното ланско првенство беа лидери на табелата без пораз. Младите категории се средина во која таа се пронаоѓа.

„Подраго ми е да создавам играчи. Тоа е тежок и макотрпен процес и многу неценета работа, но тука се пронаоѓам, односно тоа го сакам повеќе. Полесно е да работиш со готови играчи отколку да ги направиш. Да, можеби сакам да водам некоја екипа, ама пак, ќе кажам младински категории или селекција – пионери, кадети, младинци, па дури и да освојам нешто со нив, но сакам да знам дека од почеток до крај ќе сум со нив. Не знам, можеби и сум презаситена од полните трибини кои ги има кога водиш врвна екипа (се смее). И едното и другото има своја убавина. Работам многу затоа што сакам моите играчи да станат прво добар човек. Тоа е многу важно денеска, човечноста е загубена и треба да ја вратиме. Дури и во вакви услови на пандемија гледам желба кај нив за работа, за докажување и колку и да се разочарани дека не може да играат натпревари и се е сведено на некоја тренинг монотонија, толку, од друга страна пак имаат желба за тренинг.“

ДЕВОЈЧИЊАТА ТРЕБА ДА СЕ ПРЕД МОМЧИЊАТА, ДОЦНИМЕ СО СЕЛЕКЦИЈАТА

Ја прашав како наоѓа инспирација за работа во услови кога женскиот ракомет е далеку од оној некогаш кога таа била играч?

„Сама не можам ништо, единствено можам моето знаење и желбата за ракомет да ги пренесам на девојчињата. Она што е потребно е некоја стратегија на државно ниво. Домаќини сме на ЕП 2022 што значи дека овие девојките од генерација 2004/05 треба да бидат во таа репрезентација. Генерациски сме пред момчињата, но тие веќе имаа и собири и акции и натпревари, додека за девојчињата првиот филтер со 180 деца беше направен во октомври годинава. Многу доцниме. Оваа генерација требаше да се собере уште лани и да почне со работа, најмалку две години треба да бидат заедно. Затоа што кога ќе дојде ЕП 2022 повторно некој ќе се најде кој ќе префрла дека ништо не сме направиле, а за се треба време. Проблемот и во сениоорската репрезентација кај нас е што добрите девојки бегаат во странство за да заработат подобро, а играат во втора или трета лига каде квалитетот е понизок и далеку од оние натпревари кои треба да ги имаат. Ако се направи како порано пет-шест екипи со ист квалитет, со спонзори кои ќе вложуваат во македонскиот играч и со поддршка на еден-двајца играчи верувам дека ќе биде подобро.“

Не можев, а да не прашам како натурализирана Македонка, која дошла од Молдавија тука за да гради кариера, сега се бори за македонските играчи да добиваат шанса пред странците…

„Македонија е моја татковина сега, тука живеам повеќе од пола живот, тука сум мажена и имам ќерка. Не заминав од Молдавија затоа што ми беше убаво. Кога игравме во Советски сојуз, имавме стабилност, убави услови, земавме плати, никоја од нас не сакаше да замине. Кај нас имаше правило, мислам дека во Русија уште постои дека млад играч до 24 години не може да оди во странство. Во 90-тите години кога почнав да играм во прв тим земав плата поголема од мајка ми и татко ми заедно. Никој не размислуваше, а и немаше потреба да мисли да замине од дома. Истото е и со овие ракометарки, ако им е добро дома, ако има кој да вложува во нив и тие нема да сакаат да заминат, а и појасна ќе биде перспективата на македонскиот женски ракомет.“

Платон има деветгодишна ќерка, но вели дека нема да ја форсира да биде ракометарка.

„Не гледам моја наследничка во неа, не сакам да биде дека мама ја форсира. И давам слобода да се пронајде во нешто свое и да успее во тоа. Јас ќе бидат до неа како поддршка што и да одбере.“

СЕ ПРОНАОЃАМ ВО РАБОТАТА СО МЛАДИ КАТЕГОРИИ

Анжела Платон вели дека тренерот треба да биде и психолог и мајка и татко и се што е потребно за неговите играчи, но и натаму потенцира дека работата со младите категории е она вистинското за неа како тренер.

„Не ’летам’ многу во мојата работа како тренер. Искрена сум дека тука се пронаоѓам, во работа со деца, може и работа со некоја млада селекција. Нема дилеми дека најголема сатисфакција ќе ми биде ако еден ден, тие што ќе успеат (од 19 девојки не може сите да станат играчи иако јас им го посакувам тоа) да играат во некој голем клуб во ЛШ или европски купови и да ми подарат карта и да ме поканат да ги гледам во живо. Да бидат вистински играчи активни, не на клупа и да уживам во моментот дека нешто од тоа и јас сум ги научила“, завршува Платон.