Има само 26 години, а ќе стане тренер на бундеслигаш!

Јарон Сиверт, кој сезонава е тренер на второлигашот Тусем следната сезона ќе го замени Велимир Петковиќ на клупата на Фуксе Берлин. Талентираниот млад тренер ќе го замени 63 годишниот Петковиќ, а неговиот договор ќе биде на две години.

„Јарон почна да игра кај нас. Наша цел отсекогаш била да промовираме таленти, млади професионалци, ракометари и ракометарки. Драго ни е што за прв пат успеавме да најдеме вистинско момче од Берлин кое може да го води клубот“, рече извршниот директор на Фуксе Берлин, Боб Ханинг.

Штефан Кречмар кој е задолжен за маркетинг и развој на клубот ќе биде во тесна соработка со новиот тренер на Фуксе Берлин, Јарон Сиверт.

„Во личноста на Јарон Сиверт добивме еден млад, мотивиран и иновативен тренер. Неговата јасна и модерна визија за ракомет ме убеди дека тој има талент и квалитет потребен за тренер. И покрај неговата младост, неговата зрелост е импресивна“, рече Стефан Кречмар.